Откако се друго е познато во Првата лига: Работнички и Ренова во финални битки за Европа

На три кола до крајот на шампионатот безмалку се е познато во македонската Првата лига, и околу титулата и околу втората позиција, и околу опстанокот во лигата… Па, во денешното 34. коло очекувано фокусот ќе биде кон Работнички и Ренова двете екипи кои, по Шкендија и Пелистер, преку Купот на Македонија, се борат за последното трето место кое следната сезона води во квалификациите за Лигата на Европа.

И двете екипи денеска од 16:30 часот ги очекуваат повеќе од тешки задачи против двете најдобри екипи во шампионатот. Работнички гостува на Шкендија во Тетово, додека Ренова, пак, на Вардар во Скопје.

„Романтичарите“ се цврсто решени сезонава повторно да стигнат на европската сцена. Имаат пет бода предност во однос на Ренова, и сигурно желбата е денеска против Шкендија да се остане без пораз.

„Секако желбата е во Тетово да го покажеме сиот наш квалитет и да го завериме патот кон Европа. Знаеме дека Шкендија е квалитетна екипа, но нам ни се неопходни бодовите и ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до нив“ – вели капитенот на Работнички, Душан Трајчевски.

Ренова, пак, ќе има повеќе од тешка задача против Вардар. Во таборот на шампионот се одлучни да играат на победи до крајот на првенството, иако „гипсарите“ најавуваат дека ќе се обидат да дојдат до трите бода како би останале во трката за Европа.

Единствена неизвесност е уште и битката за избегнување на позицијата која води во баражот за опстанок во лигата. Шкупи со 33 бода, има два бода помалку од прилепска Победа. И двете екипи денеска се фаворити за бодови против двете веќе испаднати екипи. Победа против Македонија ЃП во Прилеп, а Шкупи пред своите навивачи против Брегалница.

ДВОЈКИ – 34. КОЛО (16:30 ч.)

Скопје: ВАРДАР – РЕНОВА

Тетово: ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ

Прилеп: ПОБЕДА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Скопје: ШКУПИ – БРЕГАЛНИЦА

Кратово: СИЛЕКС – ПЕЛИСТЕР

Се вчитува...