Ова е година на ВАРДАР: Каков Малме, дајте го Копенхаген!

По повеќе од една деценија. Конечно, македонскиот првак Вардар успеа да ја мине првата пречка во квалификациите за Лигата на шампионите. Го елиминира фаворитот Малме, совладувајќи го со 3-1 во Струмица, откако ремизираше на првиот дуел во Шведска. Пресвртот го донесоа капитенот Бобан Грнчаров и Тигран Барсегјан. Триумфот го запечати Бобан Николов во 90.минута.

Ова е година на Вардар, ракометарите покажаа дека може да се покори Европа, а и фудбалерите тргнаа во такво освојување. Падна Малме, сега следат дуели со данскиот ФК Копенхаген во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Ќе има и долго топло европско лето во Македонија.

Не беше така лесно. Розенберг го доведе Малме во водство во 16.минута, откако реализираше од пенал. Ја искористи резервираноста на македонскиот првак, плашливата игра во првиот дел. Но, потоа Вардар го покажа вистинското лице. Кога не се плаши, може да игра со сите. Грнчаров израмни во 56.минута, а Барсегјан пет минути подоцна донесе и водство од 2-1. На крајот, Николов, по асистенцијата на Блажевски, во 90.минута постигна и трет погодок, за делириум на „црвено-црните“ фанови.

IMG_5054

Вардар на почетокот се закани по прекин на игра. Фелипе нафрли од слободен удар во четвртата минута, а голманот на Малме ја исфрли топката во корнер. По него, Балотели имаше можност на вториот дирек, но не успеа да стигне до топката во вистински момент.

Но, Малме возврати во 16.минута и тоа беше кобно за Вардар. Одлична акција по левата страна, Бергет му побегна на Хамбарџумјан, влезе во шеснаесетникот, Гачевски излезе во пресрет, а по дуелот судијата Жабченко покажа на белата точка. Маркус Розенберг беше сигурен реализатор на пеналот.

Се обиде Балотели со соло продор да возврати, но не можеше против сам целата одбрана на Швеѓаните, а беше и грубо фаулиран од Брорсон, кој доби само жолт картон, иако можеше и да „поцрвени“. Конате во 23.минута упати шут од далечина, но не беше прецизен.

Фелипе „распали“ на спротивната страна, но и тоа беше многу непрецизно. По ова, судијата Жабченко уште еднаш го навлече гневот на домашните навивачи, откако на Брорсон не му покажа и втор жолт картон, откако класично прекина противнапад, што на европски мечеви секогаш носи и опомена.

Во 38.минута, Малме имаше одлична можност за втор погодок. Еикберг изведе слободен удар од 20 метри, шутираше силно во спротивниот агол, но Гачевски ги искажа своите квалитети.

Само три минути подоцна, уште една колосална шанса за Малме. Бергет го натскока Грнчаров, на левата страна осамен беше Конате, кој за среќа непречен од никого шутираше крај голот.

IMG_4910

Малме на полувреме замина со предност од 0-1. А на одморот, тренерот Бехрсон го повлече од игра Брорсон, кој беше „печен“ за црван картон во првиот дел.

Седлоски си ја призна грешката со дефанзивната одредница, и на местото на Глигоров, во игра го внесе Дејан Блажевски.

Токму нововлезениот напаѓач изнуди слободен удар на 20 метри на стартот од вториот дел, но и шуираше крај голот.

Во 50.минута, нова голема шанса за Малме. Погреши Балотели, по двојно проигрување Бергет излезе сам пред Гачевски, но, за среќа на Вардар, шутираше во надворешниот дел од мрежата.

Две минути подоцна, Стефан Спировски лукаво се обиде директно да шутира кон голот, но за малку не успеа да погоди на вистинското место.

Вардар тргна во налет. Спировски нафрли од десната страна, а Евгениј Новак со удар со глава ја погоди гредата од голот на Малме. Овојпат среќата не беше со македонскиот првак. Две минути подоцна, Балотели шутираше од 25 метри, но голманот Виланд исфрли во корнер.

Висеше голот на Малме, и конечно се затресе мрежата. По корнерот, капитенот Бобан Грнчаров скокна највисоко и погоди за 1-1, во 56.минута. Офанзивата даде резултат, а Вардар увиде дека не треба да игра плашливо.

Тргна Фелипе во контранапад, беше сам, но ја надмудри целата одбрана на Малме, и изнуди пенал. Застана самиот на белата точка, голманот Виланд го одбрани неговиот удар, но натрча Тигран Барсегјан и одбиената топка ја внесе во голот. Вардар поведе со 2-1.

IMG_9559

Но, тоа беше знак и Малме да тргне многу поофанзивно. Розенберг нафрли опасно од десната страна, а Бергет за малку не успеа да стигне на петерецот во 65.минута.

Пет минути подоцна, Ласе Нилсен шутираше од 25 метри, но без ефект. Малме бараше израмнување, што ќе го носи во следната рунда, а Вардар се затвори комплетно. Но, тоа беше и шанса за противнапади. Брдаровски повлече во 82.минута, го проигра Балотели, кој излезе сам пред голманот, но не ја прифати најдобро топката за да реализира.

И тоа што не му успеа нему, го стори Бобан Николов. Во 90.минута, Дејан Блажевски го проигра Николов, кој од 12 метри, со одмеренудар ја затресе третпат мрежата на Малме.

Каков Малме….Дајте го Копенхаген!

IMG_5154

ВАРДАР – МАЛМЕ  3-1 (0-1)

Стадион „Младост“ во Струмица. Гледачи: 3.000. Судија: Анатолиј Жабченко (Украина). Стрелци: Грнчаров 56’, Барсегјан 61’, Николов 90’ (Вардар), Розенберг 16’ пен. (Малме). Ж. Картони: Гачевски, Новак, Фелипе, Блажевски (Вардар), Брорсон, Конате (Малме).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Глигоров (46’ Блажевски), Спировски, Николов, Барсегјан (74’ Брдаровски), Фелипе, Балотели (85’ Муслиу).

МАЛМЕ: Виланд, Тинерхолм, Нилсен, Брорсон (46’ Бенгтсон), Конате (63’ Ракип), Кристијансен, Еикрем, Левицки (83’ Сванберг), Јотун, Бергет, Розенберг.

Се вчитува...