Пандев се сеќава на „џиџи-миџи“ од Лихтенштајн: Штокласа не шокираше пред 15 години

Поминаа цели 15 години, но тоа е мечот што се уште го паметиме како еден од најголемите срамови што го доживеала фудбалската репрезентација на Македонија, заедно со поразот од Андора, воопшто во досегашните квалификациски циклуси. На 8.септември 2002 година, Македонија не успеа да го победи тогашниот голем аутсајдер Лихтенштајн на гости, одигра 1-1. Треба да им биде голема поука и на овие сегашни фудбалери кои го носат националниот дрес, а за шокот што го доживеавме може да им раскаже сегашниот капитен Горан Пандев. Тој е единствениот кој се уште го носи дресот на Македонија и по една и пол деценија, а беше дел од срамот што потоа беше наречен и „џиџи-миџи“, кога примивме гол буквално во последните моменти од мечот и не успеавме да победиме. Селектор на националниот тим беше Никола Илиевски – Џиџи.

Тогаш младиот и талентиран Горан Пандев беше стартер на овој меч, и во нападот играше заедно со Ѓорѓи Христов, кој во осмата минута го постигна и водечкиот погодок за Македонија. Пандев го напушти теренот во 70.минута, на негово место во игра влезе Ацо Стојков, а Микаел Штокласа ја шокира Македонија во третата минута од судиското продолжение, за конечни 1-1.

Тоа е единственото реми што досега го имаме во дуелите со аутсдајдерот Лихтенштајн, иако оваа селекција и напредуваше со текот на времето, а Македонија, за жал, одамна не знае за победа во квалификации на гостински терен. Интересно е дека уште двајца фудбалери, покрај Пандев, се уште имаат активна кариера, тоа се „вардарците“ Бобан Грнчаров и Влатко Грозданоски.

Знае Горан Пандев за „џиџи-миџи“ и треба да ги предупреди помладите соиграчи од националниот тим, дека таков срам сега повторно не ни е потребен. А ако не можеме и со Лихтенштајн, тогаш…

lihtenstajn - macedonia 1-1

Се вчитува...