Пандев заминува од Џенова

Завршувањето на сезоната во Серија А воедно ќе значи и крај на авантурата на Горан Пандев како член на Џенова. Раководството на клубот предводено од претседателот Пречиози веќе донело одлука околу дел од фудбалерите на кои нема да им бидат понудени нови договори, а на таа листа се нашло и името на капитенот на македонската репрезентација.

Пандев пристигна во Џенова пред две години од редовите на Галатасарај. Македонскиот ас постигна неколку погодоци во Купот на Италија, но цели 19 месеци се чекаше на неговиот прв погодок за Џенова во рамките од Серија А. Иако на последните натпревари се покажа во извонредна форма и беше меѓу најзаслужните за обезбедениот опстанок во елитата, 33-годишниот Пандев сепак е принуден да бара нов ангажман откако раководството на Џенова реши да не го прод0лжи актуелниот договор.

Како што информираат италијанските медиуми, покрај Пандев од Џенова на самиот старт од преодниот рок ќе си замине и дефанзивецот Бурдисо, кој се враќа во Бока јуниорс, како и Маурицио Пинилја, кој не ги оправда очекувањата. Воедно, клупските бои ќе ги прокмени и голманот Рубињо, кој не се снајде најдобро по повредата на Перин, па сезоната ја доврши младиот Ламана.

Пандев речиси целата своја кариера ја мина во Серија А (со исклучок на сезоната 2014/2015 во Галатасарај) и негова желба е да остане на Апенинскиот полуостров, поради што во јануари веќе одби интересна понуда од Кина за неговите услуги.

Се вчитува...