Парондо е наследникот на Раул, Дејвис пред заминување од Вардар?

Роберто Гарсија Парондо е апсолутен фаворит за наследник на Раул Гонзалес на клупата на Вардар, во исчекување на официјална потврда од раководството на „црвено-црните“. Гонзалес на крајот од сезонава се сели во ПСЖ, а откако не го зеде со себе Парондо, туку Хота Гонзалес, беше отворен простор за нова функција за поранешниот шпански репрезентативец во „црвено-црното семејство“.

Тој моментно е асистент на Ирина Дибирова во женскиот клуб на Вардар, но со оглед на промената на политиката и заминувањето на сите ракометарки најавено за летово, Парондо потоа експресно ќе биде преселен во машкиот клуб. Оваа информација утрово ја пренесоа неколку македонски медиуми, но и шпанскиот специјализиран ракометен портал „Hand Station”, кој додава и една новина во „приказната“ – дека Давид Дејвис на крајот од сезонава ќе си замине од Вардар.

Шпанецот веќе неколку години е дел од „црвено-црните“ како прв асистент на Гонзалес во машкиот тим, а кратко време напоредно работеше и како шеф на стручниот штаб во женската екипа. Иако беше најавувано дека Дејвис би бил пологичен избор за наследник на Раул отколку Парондо, изборот на управата очигледно го разочарало овој стручњак.

„Шпанскиот тренер Давид Дејвис не ја отфрла можноста да потпише за друг клуб како прв тренер. Во овој период тој ќе ги разгледува добиените понуди“ – пишува „Hand Station”, добивајќи нови информации откако претходно најави дека Дејвис би останал како помошник на Парондо во стручниот штаб на Вардар.

На потег е управата на „црвено-црните“, која предолго молчи за иднината на клубот што е актуелен европски првак. По одлуката за заминување на сите странски ракометарки од женскиот клуб, останува да се види каква е визијата на клупското раководство за машкиот колектив, кого летово сигурно го напуштаат Раул Гонзалес, Лука Циндриќ, Арпад Штербик, Илија Абутовиќ и Мијајло Марсениќ, а се најавува заминување на уште неколку првотимци.

Се вчитува...