Партизан сепак е пресилен за Карпош соколи - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
18/10/2017 18:32
Фудбал
18/10/2017 17:40
Фудбал
18/10/2017 16:37
Фудбал
18/10/2017 16:29

Партизан сепак е пресилен за Карпош соколи

Партизан сепак е пресилен за Карпош соколи

Карпош соколи ја продолжи серијата порази на гостувањата во АБА-лигата, овојпат сосема очекувано со оглед на фактот дека македонскиот претставник за ривал го имаше составот на Партизан (76-72). „Соколите“ одиграа квалитетни 25 минути во кои умешно им парираа на избраниците на Александар Џикиќ, но малиот пад во концентрацијата придонесе Партизан набрзина да дојде до двоцифрена предност и уште во третата четвртина да си ја осигура победата.

Кошаркарите на македонскиот прволигаш одиграа квалитетно во првата четвртина, во која имаа предност од 4-8, потоа и од 10-13, но „црно-белите“ умешно го свртеа резултатот во своја полза, па го добија овој период од мечот со 21-17. Партизан беше подобар противник на стартот од втората четвртина, второпласираниот тим на табелата дојде до „плус седум“ (29-22, потоа и 34-27), но Карпош соколи заигра агресивно во одбраната во финишот од полувремето, намалувајќи ја разликата на само три поени (34-31).

Во третата четвртина во ритам влезе Вркиќ, кој ја одржуваше негативата околу четири поени, за потоа Партизан искусно да ги дочека своите пет минути и резултатски да се одлепи. Резултатот гласеше 48-44 кога Величковиќ промаши удар од далечина, но „соколите“ не само што не го затворија рекетот, туку веднаш по офанзивниот скок на Хачер следеше лична грешка на Пери и три слободни фрлања за најдобриот кошаркар на Партизан. Тој три пати беше прецизен, а веќе во следниот напад домаќините погодија тројка преку Пот и за првпат на мечот дојдоа до двоцифрена позитива (54-44).

Домашните кошаркари одлично го почнаа четвртиот период, но следеше одговор на Бојан Трајковски, кој со две тројки во неполна минута намали на 63-53. Пред се благодарение на Трајковски и Вркиќ македонскиот состав стигна и до седум поени разлика (69-62), но Бирчевиќ со тројка на помалку од три минути до крајот стави крај на надежите дека „соколите“ би можеле да приредат сензација во Белград. На една минута до крајот Партизан имаше преубедливи 76-67, па „соколите“ во самата завршница успеаја да се доближат до конечни четири поени разлика (76-72).

Бојан Трајковски беше одличен реализирајќи 19 поени, со што беше најефикасен кај Карпош соколи, пред Вркиќ со 18 поени. Најдобри поединци кај Партизан беа Величковиќ со 17 и Хачер со 16 поени.

Po 17 одиграни средби Карпош соколи има скор од пет победи и 12 порази, додека Партизан е второпласиран со 14 победи и само три порази. „Соколите“ следниот викенд в сабота на домашен терен ќе ја пречекаат Цибона, во обид да ја продолжат серијата од пет триумфи што ја имаат на натпреварите пред своите гледачи.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.