Пелистер сака триумф над Шкупи, ама и ќе мисли на финалето на Купот

Пелистер и Шкупи под „Тумбе кафе“ денеска (16.30 часот) ќе го отворат 33.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Ќе биде ова интересен дуел, со оглед дека бодовите им се потребни и на двете екипи. Битолскиот прволигаш посакува триумф за да се доближи до Работнички, во надеж дека на крајот ќе го освои третото место на табелата, а Шкупи е на работ на опасната зона, и ако сака да избегне бараж, ќе треба да и „побегне“ на Победа. Во моментов има само еден бод предност.

Фудбалерите на Наџи Шенсои размислуваат за победата на денешниот меч, но исто така ќе чуваат дел од силите и за финалето на Купот на Македонија, што ќе го играат в среда (17 мај), на стадионот „Младост“ во Струмица против Шкендија. Шкупи нема грижи, освен да обезбеди опстанок во шампионатот, па со сите сили ќе атакува на позитивен резултат денеска во Битола.

Останатите натпревари од 33.коло во Првата лига се играат утре, а се среќаваат: Работнички – Вардар, Македонија ЃП – Шкендија, Ренова – Силекс, Брегалница – Победа.

Се вчитува...