Пенезиќ: Пред нашата публика да го потврдиме пласманот на Ф4

Ракометарките на Вардар денеска (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекуваат данскиот Митјиланд во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите.  Вардарки имаа два гола во залиха од првиот натпревар во Икаст на кој славеа со 26-28 и голема шанса пред својата публика  да го заверат пласманот на фајналфор турнирот во Будимпешта и по четврти пат по ред да обезбедат место меѓу четирите најдобри екипи во ЛШ.

„Сите знаеме колкав е влогот и што ни носи овој натпревар. Мораме добро да го отвориме натпреварот како што направивме во Данска. Митјиланд сигурно ќе дојде силно мотивиран да ни се реваншира за поразот, но ние мораме да покажеме што сакаме и пред нашата публика да го потврдиме пласманот на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите“ – вели бекот на Вардар, Андреа Пенезиќ.

Хрватската репрезентативка е најефикасната ракометарка на Вардар во натпреварите од Лигата на шампионите и мометно ја предводи листата на стрелците во ЛШ со 81 гол. Пенезиќ беше главната движечка сила во напад на Вардар и на првиот меч против Митјиланд на кој постигна седум гола.

Денеска се играат и реваншите во другите три четвртфинални дуели во ЛШ. Во најповолна позиција е екипата на Будуќност која му гостува на Ларвик со 14 гола предност од првиот меч во Подгорица (31-17). Актуелниот европски шампион, ЧСМ Букурешт „носи“ пет гола предност на реваншот во Будимпешта против ФТЦ (30-25), а со минимална гол разлика од првиот натпревар на домашен терен, екипата на Мец му гостува на Ѓер (32-31).

Се вчитува...