Пенезиќ размислува за крај на кариерата!

Андреа Пенезиќ и сезонава игра одлично во дресот на Вардар, но хрватската интернационалка сериозно размислува на крајот од оваа сезона да му каже збогум на ракометот. Ова го изјави самата Пенезиќ во интервју за хрватската телевизија „Арена“, посочувајќи дека би сакала во иднина повеќе да се сконцентрира на семејството и на студиите. Како дел од емисијата „Рукометаоница“ Пенезиќ говореше за своите искуства од годината што изминува, но и плановите за иднината, ставајќи до знаење дека се огромни шансите оваа сезона да биде последна за неа во професионалната кариера.

Во ситуација кога постои сериозна неизвесност околу иднината на ракометниот колектив (во вакви размери и со вакви амбиции) за наредната сезона, јасно е дека повлекувањето на клучен играч како Пенезиќ би претставувал сериозен удар за „вардарки“. Доколку таа си замине, сигурно зад себе ќе остави дупка што многу тешко ќе се пополни со оглед на фактот дека ракометарките од нејзин калибар се вистинска реткост, но и се цврсто врзани со договори со своите клубови за наредната сезона.

Хрватската ракометарка пристигна во Вардар во 2014 година од редовите на Крим и експресно се наметна како еден од лидерите во таборот на „црвено-црните“. Таа беше меѓу најзаслужните за ланскиот настап во финалето на Ф4 турнирот во Будимпешта, а и сезонава е главен адут во обид „вардарки“ конечно да се искачат на тронот на Европа.

Се вчитува...