Перо Антиќ: Чувам и безбол палка за помладите, ако не ме слушаат…

Перо Антиќ запиша одлично деби по враќањето во дресот на белградска Црвена Звезда…. Македонскиот кошаркар беше дочекан со овации од навивачите на „црвено-белите“, а дополнително потоа поздравен и по одличниот ефект од десет поени за само десет минути на паркетот.

Антиќ со 35 години е највозрасниот во тимот на Црвена Звезда, нешто постар и од тренерот Алемпијевиќ… Но, тоа секако не му смета да биде еден од најдобрите на теренот.

„Чувам безбол палка во соблекувалната за помладите, ако не ме слушаат… Се шегувам, секако. Тоа се прекрасни млади момци со огромен талент. Овој проект на Црвена Звезда е навистина извонреден, се надевам дека и во Македонија ќе имаме сличен проект. Во секој случај, пред нас е Евролигата и сигурно има простор за докажување за сите. Инаку, воопшто немам никаков проблем и поради годините со тренерот. Имаме врвен однос. Впрочем, се знае кој е тренер, а кој играч“ – вели Антиќ за српските медиуми, по синоќешниот дуел против Мега.

„Среќен сум што повторно се вратив на кошарката. Ова е мој прв меч по четири месеци, па токму поради тоа и тренерот Алемпијевиќ полека ме враќа во ритам… Може да бидам задоволен од шутот на натпреварот. Три тројки од четири обиди не е лошо. Шутот единствено остана да ме служи низ годините“ – коментира Антиќ низ смеа, притоа не заборавајќи да го спомне и воодушевувањето од пречекот од страна на навивачите.

„Вакви овации од страна на Делиите не се опишуваат. Треба да се доживеат. Чекав деценија да се вратам во ‘Пионир’ и прекрасно е. Посебно кога имате вакви навивачи на кои може да им се заблагодарам од срце. Навистина уживам“ – вели Антиќ.

Се вчитува...