„Петардата“ од Арсенал пресудна, Куман доби отказ од Евертон

Евертон го отпушти менаџерот Роналд Куман откако „карамелите“ се наоѓаат во зоната за испаѓање на стартот од сезоната. Вчерашниот пораз од 5-2 против тимот на Арсенал на свој терен беше петти за Евертон во Премиер – лигата, а воедно и пресуден за холандскиот стратег, кој не ги оправда очекувањата.

Раководството му даде слобода на Куман да ангажира играчи по негов вкус во текот на изминатиот преоден рок, Евертон вкупно потроши 150 милиони фунти за нови засилувања, но никако не се најде стратегија по која секој ќе го покаже својот потенцијал, а воедно ќе носи и позитивни резултати.

„Евертон потврдува дека Роналд Куман го напушти менаџерското место на клубот. Раководството му се заблагордарува за успехот од седмо место од минатата сезона, како и сета напорна работа која ја вршеше во изминативе 16 месеци“, стои во соопштението на клубот.

Премиерлигашот е на 18. место по девет кола во домашното првенство, со освоени осум бодови, а се наоѓа и во лоша позиција во групната фаза во Лигата на Европа, по три кола имаат два порази без ниту еден триумф.

Се вчитува...