Пик Сегед позајми голман од Целје

Младиот словенечки голман Урх Кастелич до крајот на сезоната ќе биде на голот на Пик Сегед како позајмен играч на местото на повредениот Марин Шего. Хрватскиот голман кој во Унгарија дојде од Кјелце пред почетокот на сезоната, се повреди на мечот против Вардар во ЛШ и ќе го пропушти остатокот на сезоната.

Унгарскиот вицешампион на голот го има и искусниот Шпанец, Хозе Мануел Сиера, а алтернатива за повредениот Шего најдоа со ангажман на 20-годишниот Словенец. Урх Кастелич со репрезентацијата на Словенија го освои бронзениот на СП во Франција и се промовира како еден од најдобрите млади голмани во Европа. Словенечкиот голман настапува за Марибор, но, е под договор со Целје, а во Пик Сегед ќе биде на позајмица до крајот на сезоната.

Според правилата на ЕХФ тој ќе може да брани за унгарскиот тим само во натпреварите од домашното првенство, но не и во мечевите од Лигата на шампионите.

Пик Сегед во ЛШ моментно е на четвртото место во Групата Б во која Вардар е на лидерската позција на три кола пред крај на групната фаза.

фото: siol.net

Се вчитува...