Пике низ солзи: Ако сум проблем, повеќе нема да играм за Шпанија

Жерар Пике е познат како најгласен во редовите на Барселона кога станува збор за патриотските ставови околу автономијата на Каталонија. Тој настапи за Барса на денешниот дуел со Лас Палмас, а по мечот со солзи во очите ги коментираше случувањата при гласањето на референдумот.

Ова беше многу тежок ден, можеби најтежок во кариерата. Имав свој став околу тоа дали треба да се игра, но разбирам дека ова е фудбалски клуб и работа ни е да играме фудбал. Од друга страна, ги разбирам и оние кои тврдат дека денеска не требаше да излеземе на терен. Што да кажам, цел ден ми е многу тешко, но од друга страна сум горд што сум Каталонец. Нашиот народ покажа гордост и интегритет, мирно излезе на гласање, а видовте што се случи со полициската реакција, која беше апсолутно претерана“ – изјави Пике.

Репрезентативниот колега Серхио Рамос му порача на членот на Барселона да не навлегува во политика, бидејќи со тоа само уште повеќе ги лути навивачите кои го исвиркуваат при настапите за Шпанија, но Пике е дециден по ова прашање.

Ако некој од федерацијата мисли дека ќе бидам проблем во шпанската репрезентација, дека ќе пречам, веднаш ќе се повлечам. За мене играњето за репрезентацијата не е прашање на патриотизам, туку играње најдобро што можеш за да победиш. Така јас гледам на тоа“ – истакна дефанзивецот, кој најави повлекување од националниот тим по СП 2018, но сега би можел да ја забрза својата одлука.

Тој жестоко го нападна и шпанскиот премиер Маријано Рахој.

Па човекот шета наоколу низ светот, а не се потрудил ниту да научи англиски јазик. Очекував да се обидат мирно да го прекинат гласањето, но полициската реакција – никој не може да поверува. Ги повиикувам Каталонците да продолжат да бидат мирни и да пејат најгласно што можат, да не паднат во замките на власта“ – порача Жерар Пике.

Се вчитува...