Плејаут: Победи за Струмица и за Охрид

Покрај Супер-лигата, денеска почна и плејаут натпреварувањето во кошаркарскиот шампионат, со битките меѓу екипите кои се борат за опстанок во елитното друштво. Во рамките од првото коло на победи се радуваа кошаркарите на Охрид и на Струмица, кои славеа во дуелите со Пелистер, односно Вардар.

Охриѓани лесно се справија со Пелистер, славејќи на мечот што се играше во Кавадарци со убедливи 17 поени разлика (66-83). Гостинските кошаркари клучната предност ја создадоа во третата четвртина што ја добија со 11-27, по што во последните десет минути двата тима играа со подмладени петорки на теренот. Американецот Брукс со 19 поени и 9 асистенции беше клучен играч на овој натпревар, Јанески исто така постигна 19 поени за победничкиот тим, додека прв стрелец на Пелистер беше Анакиевски со 18 поени.

Многу понеизвесно беше во Струмица, каде домаќините по голема битка го совладаа Вардар со само два поени разлика (63-61). Репрезентативецот Брчков со 18 поени беше предводник на струмичани во оваа победа, додека најдобар стрелец на Вардар беше Лефкоски со 20 поени.

Се вчитува...