Победа останува прволигаш, Шкупи во бараж, Вардар ја покори Битола

Победа го совлада Работнички со 0-3 на гости во Маџари и успеа да обезбеди прволигашки статус, со оглед дека Шкупи загуби од Силекс во Кратово со 1-0. Тоа значи дека Шкупи ќе игра бараж против второлигашот Новаци за пополнување на Првата лига.

IMG_3779Победа беше далеку помотивирана од „романтичарите“ на овој меч, со оглед дека тие веќе обезбедија излез во Европа. Гешоски во втората минута не реализира пенал, но во 15.минута погоди за отворање на резултатот. Мирослав Станиќ во 60.минута зголеми на 0-2, а Николче Шаркоски беше стрелец на третиот гол.

IMG_3762Силекс во Кратово го совлада тимот на Шкупи со 1-0. Стрелец на единствениот погодок на оваа средба беше Игор Недељковиќ во 77.минута од натпреварот.

Вардар ја освои Битола совладувајќи го Пелистер со 2-3, во „вечното дерби“ кое имаше и празнувачки карактер. Шампионот беше за еден гол подобар од победникот на Купот. Николов го отвори резултатот по една комична акција, откако домашниот голман Илче Петровски сакаше да го дрибла, а тој со лизгачки старт директно ја внесе топката во голот во 31.минута. Само четири минути подоцна, Петар Петковски зголеми на 0-2.

pelister - vardar 18

Пелистер на стартот од вториот дел остана без Фернандо Силва, кој доби два жолти картони во една минута поради приговор и најверојатно навреди кон судијата Димитар Мечкаровски. Но, „зелените“ не се предадоа.

pelister - vardar 15

Баже Илијоски од пенал намали на 1-2 во 77.минута, а Фелипе со прекрасно изведен слободен удар зголеми на 1-3 во 85.минута. Во судиското продолжение, Антонио Бујчевски постигна втор погодок за Пелистер, за конечни 2-3.

pelister - vardar 13

Во Ѓорче Петров, во опуштен натпревар на двата тима кои испаѓаат, Македонија ЃП ја совлада Брегалница со 5-3. Ален Јашароски постигна хет – трик за „лавовите“, а стрелаа и Михајло Јакимоски и Дестан Хаџија. Темелков, Наумов и Миовски беа стрелци за штипскиот тим.

Во Тетово, ревија голови и 4-4 на дуелот меѓу Ренова и Шкендија. Радески постигна хет – трик за Шкендија, а погоди и Бесарт Ибраими. За домаќинот Ренова стрелаа Нухиу од пенал, Селмани, Гафури и Усеини.

ПРВА ЛИГА, РЕЗУЛТАТИ – 35.КОЛО

ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 2-3

РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА 0-3

РЕНОВА – ШКЕНДИЈА 4-4

СИЛЕКС – ШКУПИ 1-0

МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА 5-3

Табела: Вардар 82, Шкендија 67, Работнички 54, Пелистер 52, Ренова 49, Силекс 46, Победа 41, Шкупи 36, Македонија ЃП 22, Брегалница 21.

Се вчитува...