Победа стартуваше со тренинзи: Фудбалерите добија ветување за плата па излегоа на терен (ФОТО)

По дводневни преговори и добиените ветувања дека со стабилизирањето на состојбите во клубот со очекуваните промени ќе им бидат исплатени заостанатите примања фудбалерите на Победа под раководство на шефот на стручниот штаб, Славољуб Бубања денес започнаа со тренинзи. На првиот тренинг на теренот на стадионот на Могила присутни беа 31 фудбалер.

Покрај првотимците кои настапуваа во есенскиот дел на првенството (Гешоски, Крстески, Карчески, Талески, Илиески, Ј.Наумоски, Ацески, Димитриоски, Јованоски, Трајкоски и М.Наумоски), и повратникот од позајмицата во Новаци, Христијан Петрески, со првиот тим приклучени се младинците: Котевски, Паноски,Ангелески, Димоски, Мицески, Митрески, Бунтески, Каралиоски, Д.Наумоски и кадетите: Јосифоски, Цветаноски, Вурмески и Свртиноски.

Тренингот го одработија двајцата интернационалци кои се на проба, 24-годишниот играч за врска Усеин Мунпаин од Камерун, кој настапувал за аргентинскиот Хуракан и 19-годишниот Французин со мароканско потекло Отман Елауниа-напаѓач, кој настапувал за младиот тим на англискиот премиерлигаш Бурнемут. На проба се уште и 24-годишниот десен бек Самир Вели, младите прилепски фудбалери Благојче Спиркоски, довчерешниот играч на Еуромилк, Димитар Кремчески кој настапувал за младите категории на Металург и Вардар а минатата сезона за Беласица и екс-играчот на Победа, Андреески.

До крајот на неделава ќе пристигне и 22-годишниот бразилски офанзивен играч за врска Лукас Силва Сантос Јуниор, а на тренинзите од недела треба да се приклучи и повратникот од Азербејџан, Турал Хумбатов.

Но, поради неизвесноста во клубот Победа зимава остана без дури десет стандардни првотимци. Прилепчани ги напуштија Александар Ристевски, Георгиевски, Цветаноски, Најдовски, Мустафов, Неданоски, Мирчевски, Илиески, Шаркоски и Илијоски.

Цветаноски замина во Ренова, Георгиевски и Мустафов потпишаа за албанскиот прволигаш Теута, додека Шаркоски е пред потпис со Работнички.

Засега договорени се две пријателски средби во Охрид на 16-ти јануари со Шкендија и на 24-ти јануари со Ренова.

Се вчитува...