Победите не се слатки во празна сала – Работнички убедлив против МЗТ Скопје

Работнички ја продолжи својата фантастична серијата стигнувајќи до својата 19. победа од стартот на сезонава, овојпат на домашен терен над МЗТ Скопје изразена со убедливи 100-84. Дерби-победите вообичаено се послатки од останатите, но во овој случај останува и горчина, поради инцидентите и вчерашниот прекин по кој мечот мораше да биде доигран денесска, во празната сала „Градски парк“.

Како што е веќе познато, натпреварот продолжи со резултат 62-50, на 3:12 минути до крајот на третата четвртина. Џордан Крофорд, кој беше одличен и во периодот пред вчерашниот прекин, ги постигна првите четири поени во продолжението, но тоа беше единствениот момент во кој разликата се спушти под десет поени (62-54). Чавдар Костов постигна тројка и го разбуди Работнички, потоа „црвено-белите“ се вратија во ритам, па ја завршија четвртината со предност од 76-60.

Костов го продолжи своето шутерско шоу и во последната четвртина, па Работнички во 33. минута за првпат стигна и до предност од над 20 поени разлика (83-62), а остатокот беше само рутина во која избраниците на Докузовски лесно ја одржуваа предноста се до самиот крај и конечните 100-84.

Бугарскиот интернационалец Костов беше најдобар поединец на дербито со 31 поен, Гинјард постигна 22, а одличен беше и Мираковски, кој стигна до 16 поени без ниту едно промашување, надополнети со девет асистенции. Кај МЗТ Скопје најефикасни при поразот беа Крофорд со 24 и Мајсторовиќ со 17 постигнати поени.

Работнички заслужено го доби дербито, но за жал овој натпревар нема да се памети по резултатот и кошаркарските потези, туку по вчерашните инциденти поради кои денеска дуелот се доигруваше пред празни трибини – нешто што буквално никој не го посакуваше.

Се вчитува...