Погба казнет со три меча суспензија, го пропушта градското дерби

Пол Погба ќе ги пропушти следните три натпревари на Манчестер јунајтед во Премиер – лигата поради суспензија, откако заработи директен црвен картон во победата над Арсенал (3-1). Францускиот репрезентативец го остава на цедило својот тим за градското дерби против Манчестер сити кое е закажано за следното коло. Играчот за врска на „црвените ѓаволи“ нема да биде во комбинација ниту за пресметката против Бурнемаут, како и гостувањето во Вест Бромвич албион во рамките од 18. коло во најелитното англиско првенство.

Погба беше исклучен против „топчиите“ во 74. минута од средбата, откако при дуел со Белерин во обид да се освои топката нагазна на ногата на Шпанецот, кој можеше да биде тешко повреден. Сепак, најскапиот фудбалер во редовите на Јунајтед ќе биде подготвен за последниот натпревар од групната фаза во ЛШ, на „Олд трафорд“ утре гостува ЦСКА Москва.

Се вчитува...