Попзлатанов: Жалам за пропуштените шанси со Шкендија, но тоа е минато, сега мислиме на Победа

Македонскиот првак Вардар пет минути го делеа од триумф на дербито против Шкендија во Тетово, а на крајот мораше да се задоволи со реми и еден освоен бод. Натпреварот можеше да добиеше сосема поинаков тек доколку Вардар ги искористеше шансите кои ги имаше дебитантот, Јован Попзлатанов. Истиот фудбалер имаше убава можност во првиот дел, а потоа веднаш по водечкиот гол да донесе и 0-2, и во голема мера да ја обезбеди победата, но немаше среќа да реализира на својот прв официјален настап во дресот на „црвено-црните“.

„Жалам за пропуштените шанси во Тетово против Шкендија. Среќата не беше на мојата страна. Во првиот обид и јас и самите играчи на противникот ја видоа топката во мрежата, но таа удри само во голманот кој што со многу среќа успеа да одбрани. Во втората ситуација топката не стигна до мене за дел од секунда, и стигна противничкиот играч да ја избие топката. Многу ми е криво, можев на моето деби во дресот на Вардар да постигнам гол и тоа во дерби натпреварот. Меѓутоа и покрај тоа дојдовме во водство на време, ама не успеавме да го задржиме до крај. Навистина штета, затоа што можевме да го добиеме тој натпревар, и да се доближиме до првото место на табелата“, изјави Јован Попзлатанов за официјалниот сајт на клубот.

Но, нема многу време за анализи. В недела следува нов првенствен натпревар против Победа на кој „вардарци“ се надеваат дека ќе ги освојат првите три бода во пролетниот дел од сезоната.

„Натпреварот со Шкендија веќе е минато за нас. Можеме да жалиме, но нема враќање назад. Сега се фокусираме максимално кон неделниот натпревар со Победа. Одиме на триумф, како и на секој меч. Потребни ни се бодовите, и ќе дадеме се од себе да ги освоиме. Нема да биде лесно, затоа што за Вардар нема лесен натпревар. Ќе мораме да одиграме дисциплинирано, да ги исполниме сите задачи за да стигнеме до победата“, истакнува Попзлатанов.

Фото: www.fkvardar.mk

Се вчитува...