Порше се враќа во Формула 1

Германскиот производител на автомобили, Порше, сериозно ја разгледува можноста за влез во Формула 1. Тоа го откри финансискиот директор на Порше, Лутц Мешке, кој имаше средба со Рос Браун и со новите американски сопственици на Ф1 за време на трката за ГН на Италија што се возеше минатиот викенд на патеката Монца.

На крајот на оваа година, Порше ја прекинува натпреварувачката програма во „24 часа Ле Ман“ во највисоката ЛМП 1 класа. Тоа ќе им овозможи на Германците да го искористат буџетот за мотоспорт, за враќање во Формула 1, прв пат по 1991 година. Според информациите по средбата во Италија, двете страни ја поддржале идејата за враќање на Порше во Ф1, но како добавувач на мотори, а не како конструктор.

„Формула 1 е едно од најпривлечните места за нас како компанија. Како што е познато, ние влегуваме како тим во Формула Е, каде технолошкиот развој се уште е голем. Како добавувачи на мотори имаме можност да се вратиме во Формула 1. Задоволни сме од разговорите со новите сопственици на Ф1 и со Рос Браун. Тие јавно ни покжаа дека овој спорт тргнува по нов пат, многу поблизок до нашата филозофија за развој на мото-спортот“ – истакнува финансискиот директор на Порше.

Вилијамс, Ред Бул и Мекларен се тимовите кои би можеле да ги користат моторите на Порше во иднина. Мекларен има и богата историја со германскиот производител во периодот од 1983 до 1987 година, а моментно тие бараат замена за моторите на Хонда кои сезонава покажаа незадоволителни перформанси.

Се вчитува...