Повредата на Стајиќ не е сериозна, ќе биде „фит“ за квалификациите

Бобан Стајиќ најверојатно ќе може да помогне на македонската репрезентацијата во претстојниот квалификациски циклус од првата фаза за пласман на СП 2019. Плејмејкерот на Фени индустри, кој веќе потпиша договор со МЗТ Скопје за следната сезона, заработи незгодна повреда на коленото на последниот тренинг во Маврово, но за среќа лекарските прегледи покажаа дека не станува збор за ништо сериозно.

Повредата беше навистина несекојдневна, бидејќи ногата ми се заглави во лепакот што беше оставен на подлогата во салата, најверојатно од ракометарите кои тренираа пред нас. Бев на детални прегледи и за среќа е утврдено дека не станува збор за ништо сериозно. Напротив, немам оток ниту проблем со лигаментите, туку само мало воспалување. Првичните прогнози се дека ќе можам да се вратам на терените за десетина дена, се надевам дека ќе нема да има компликации и ќе можам да помогнам на репрезентацијата на клучните натпревари“ – изјави Стајиќ за ЕКИПА.

Талентираниот плејмејкер не го крие задоволството што потпиша договор со МЗТ Скопје, па ќе има можност повторно да биде дел од АБА-лигата.

Секако дека ме радува што се вратив во МЗТ, тоа е одличен тим што секогаш цели највисоко, на освојување на трофеи. Ќе ми биде предизвик повторно да се натпреварувам во АБА, а можам да кажам дека клучни ми беа разговорите со тренерот Тодоров, од кого добив збор дека ќе добијам солидна минутажа. За мене во овој момент е многу важно да играм, а не да ја греам клупата, верувам дека во МЗТ ќе продолжам уште повеќе да се развивам како играч преку силните натпревари во АБА-лигата“ – истакна Стајиќ.

Се вчитува...