Познат изгледот на Вторите лиги – Исток и Запад, за сезоната 2017/18

Дефиниран изгледот на двете Втори лиги во македонскиот фудбал, Запад и Исток, кои од следната сезона, согласно промените во Статутот на ФФМ ќе функционираат на домашната сцена.

Како што е познато, од сезоната 2017/2018 одлучено е во второлигашката конкуренција да функционираат две лиги, ЗАПАД и ИСТОК, со по десет екипи. По завршувањето на натпреварите во Првата, Втората и Третите лиги од актуелната сезона, веќе дефиниран е составот на второлигашките натпреварувања за следната сезона, со уште неколку непознати во очекување на бараж пресметките.

На Истокот познати се девет екипи кои ќе се натпреваруваат во Втората лига во сезоната 2017/2018, а останува уште бараж дуелот меѓу Саса (Трета лига – Исток) и Превалец (Трета лига – Југ) да го даде последниот патник. Доколку Саса од Македонска Каменица успее да обезбеди второлигашки статус, Втората лига – Исток следната сезона ќе биде „екс-прволигашка“, со исклучок на Плачковица, ако се знае дека во неа ќе бидат се поранешни прволигаши како Брегалница, Беласица, Хоризонт Турново, Тиквеш, Кожуф, Осогово, Победа Валандово…

На Западот, пак, дефинитивно се познати седум екипи. Останува уште поразениот од баражот за прволигашки опстанок меѓу Шкупи и Новаци, како и две екипи кои ќе се добијат од турнирот меѓу Зајас, Гоблен јуниор и Лабуништа. Баражот меѓу второпласираните екипи од Третите лиги – Север, Запад и Југозапад, ќе се игра на неутрален терен по турнирски систем секој со секого. Двете првопласирани екипи од тој турнир следната сезона ќе бидат последните кои ќе обезбедат место во Втората лига – Запад.

Vtori ligi - izgled

  • Баражот за пополнување на Втората лига – Запад ќе се игра меѓу три екипи по турнирски систем (секој со секого по еден натпревар) на неутрален терен. Најдобрите две екипи ќе играат во Втората лига следната сезона.
  • Баражот за пополнување на Втората лига – Исток ќе се игра меѓу Саса и Превалец. Еден натпревар на неутрален терен од кој победникот обезбедува второлигашки статус.

Се вчитува...