Пресврт во Милан: Сари го менува Гатузо на крајот од сезонава?

Само еден пораз беше доволен за челниците на Милан да го променат својот став околу иднината на Џенаро Гатузо и да почнат посериозно да рагледуваат други опции за тренер на тимот за наредната сезона. Долгогодишниот фудбалер на „росонерите“ ги придоби симпатиите на навивачите и на јавноста со одличната серија победи, но поразот од Арсенал во осминафиналето од ЛЕ покажа бројни слабости во редовите на „црвено-црните“.

Како што јавуваат италијанските медиуми, сега постојат сериозни сомнежи дека Гатузо може да направи од Милан тим за највисоки дострели. Тој има договор со клубот до крајот на сезонава и сигурно ќе остане до мај, но според последните информации Гатузо нема да добие продолжување, туку своето место ќе го отстапи на некој поискусен стратег.

А прва желба на Милан е Маурицио Сари, стратегот што со ограничен буџет во Наполи одлично му парира на Јувентус во трката за скудетото. Офанзивниот стил на игра што го форсира Сари е уште една препорака за него, а „росонерите“ веќе подготвиле и понуда од 3,4 милиони евра по сезона, сума што е многу повисока од онаа што Наполи му ја нуди за нов договор. Тренерот најавил дека нема да ги разгледува понудите до крајот на сезонава, па „росонерите“ ќе мора да почекаат за одговор, дали ќе го убедат Сари во својот проект или ќе мора да бараат нов стратег.

Се вчитува...