Претставени кандидатурите: Скопје за ЕП 2022 со ВИП Арена „Борис Трајковски“

Европската ракометан федерација (ЕХФ) на официјалниот сајт ги престави кандидатурите за домаќини на ЕП 2022 и ЕП 2024 во машка конкуренција и за ЕП 2022 во женска конкуренција. Македонија заедно со Словенија и со Црна Гора е дел од единствената заедничка кандидатура за Европското првенство за ракометарки во 2022 година. Во официјалната презентација достапна на платформата „Beyond 2020“,  Скопје е кандидат да биде домаќин на една од групите на шампионатот покрај Љубљана, Целје и Подгорица.

Натпреварите во Скопје би се играле во ВИП Арената „Борис Трајковски“ како еден од домаќините на шампионатот, а претставени се и сместувачките капацитети во главниот град.

Заедничките кандидатури се актуелни и за организација на европските шампионати во машка конкуренција. За ЕП 2022 година заеднички аплицират Белгија, Шпанија и Франција. Втори кандидати се Данска и Швајцарија, а третата кандидатура е од Унгарија и Словачка.

Данска и Швајцарија и Унгарија и Словачка поднесоа заеднички кандидатури и организација на ЕП 2024. Тука во конкуренција за домаќин е и Германија со поединечна кандидатура.

За ЕП 2024 во женска конкуренција засега нема заинтересирани домаќини и за тоа ќе решава Извршниот комитет на ЕХФ во идна процедура.

На почетокот на годинава ЕХФ треба да направи инспекција на сите градови домаќини и на предложените сали, а во март кандидатурите ќе бидат официјално потврдени од Извршниот комитет на ЕХФ. Изборот на домаќините на престтојните европски ракометни првенства ќе биде на Конгресот на ЕХФ во Глазгов на 18/19 јуни годинава. ЕП 2022 година на кое со оглед на единствената кандидатура, Македонија ќе биде еден од организаторите, ќе се одржи од 4 до 20 ноември 2022 година.

Се вчитува...