ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ: Велазерими ремизираше во Драч, Еуромилк и Гостивар под снежни услови

Лидерот во Втората лига – Запад, екипата на кичевски Велазерими ремизираше на последниот пријателски натпревар за време на своите подготовки во Драч, Албанија, пред стартот на пролетниот дел од шампионатот.

Велазерими беше принуден подготовките да ги реализира на брегот на Јадранското мора поради поплавениот свој стадион во Кичево. На последниот тест кичевци одиграа 1-1 со косовскиот второлигаш Малишево.

Претходно, Велазерими славеше против Дуќагин со 3-1, како и против Башкими Коретина со 5-1.

БЕЛАСИЦА УБЕДЛИВА ПРОТИВ ЛОКОМОТИВА (4-2)

Беласица победи на контролниот натпревар кој се одигра во Струмица против Локомотива со 4-2.

Стрелци на головите за струмичани беа Виктор Серафимовски, Никола Божинов, Томе Јанев и Пепи Ѓоргиев.

ЕУРОМИЛК ГЛ И ГОСТИВАР СО ТРЕНИНЗИ ПОД СНЕЖНИ УСЛОВИ

Еуромилк ГЛ поради снежните услови во Охрид мораше да го откаже планираниот пријателски натпревар со Караорман.

Место тоа тренерот Љупчо Димовски на своите фудбалери им сервираше снежен тренинг на „Билјанини извори“. Еуромилк ГЛ ги заврши подготовките во Охрид и утре се враќа во Скопје каде во недела ги чека пријателскиот натпревар против Моравец Орион од Србија.

Под снежни услови деновиве своите тренинзи ги одработуваат и фудбалерите на Гостивар.

За викендов договорени пријателски натпревари имаат и Струга Трим Лум и екипата на Лабуништа.

Се вчитува...