Приказната на Деле Али: Татко му го напуштил, мајка му била алкохоличарка, но тој успеа! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
28/04/2017 21:43
Фудбал
28/04/2017 20:02
Фудбал
28/04/2017 10:08
Ракомет
27/04/2017 21:31

Приказната на Деле Али: Татко му го напуштил, мајка му била алкохоличарка, но тој успеа!

Приказната на Деле Али: Татко му го напуштил, мајка му била алкохоличарка, но тој успеа!

Тој е најдобриот млад играч во Премиер – лигата, човек кој со своите 20 години решава големи натпревари и има стандардна позиција во англиската фудбалска репрезентација. Но, неговиот пат не бил лесен – Деле Али бил сам против сите, момче кое претрпело големи проблеми во животот.

„Тој имаше детство полно со предизвици. Кога почна да тренира кај нас, никогаш не покажа страв, ништо не го загрижуваше. Не беше арогантен, само сакаше да се забавува на теренот“ – вели Мајк Доув, шефот на фудбалската школа на МК Донс, каде Деле Али ги започна фудбалските чекори.

ТОЈ НЕ САКА „АЛИ“ НА СВОЈОТ ДРЕС

Бамидел Џермејн Али е роден на 11-ти април, 1996 година. Неговиот татко Кебни е Нигериец, кој го напуштил само една седмица после неговото раѓање и се преселил во САД, а неговата мајка, Денис, имала проблеми со алкохолот, и малиот Деле голем дел од времето бил препуштен сам на себе.

„Тие времиња беа мошне тешки. Бев самохрана мајка. Имав четири деца од четворица различни татковци, но ниедна врска не траеше долго“ – соопшто мајката на Али во едно интервју.

Тој од мали нозе морал да се грижи сам за себе, а на почетокот на минатата сезона, го промени и натписот на дресот, па наместо „Али“ сега над бројот на дресот му стои само ’Деле’.

„Сакам на дресот да имам име кое ќе го претставува тоа што сум и да не чувствувам никаква поврзаност со презимето Али. Одлуката ја донесов после многу размислување и разговори со блиските членови од семејството“ – истакна тогаш Деле Али.

ПРОБЛЕМИ ВО УЧИЛИШТЕТО, ДОЦНИ ФУДБАЛСКИ ПОЧЕТОЦИ

Деле во училиштето имал големи проблеми, учењето не го обожувал и поголем дел од времето сакал да го поминува со друштвото на улица. Топката секогаш била до него. Таму научил многу потези и фудбалски трикови, кои и денес ги применува во својата игра.

Обично децата почнуваат со фудбал од својата петта година, но Али малку задоцнил. Со свои 11 години заминал во МК Донс, но тренерите веднаш го воочиле потенцијалот што го има овој играч. Бил поинаков од останатите, имал голема самодоверба и верба во сопствените можности. Од мали нозе, имал добра физичка фигура, но го красел позитивниот пристап и се обидувал вештините што ги знае од улицата, да ги примени на тренинзите и на натпреварите.

Crystal Palace v Tottenham Hotspur - Premier League

Во клубот имал добро друштво и луѓе кои се грижеле за него, но во пубертетот се појавила опасност, улицата да го одведе на другата темна страна. Тоа го увидела неговата мајка, која се согласила да го одведе кај добро семејство, кое живеело во угледен кварт. Така, малиот Деле се преселил кај семејството Хикфорд. Алан и Салај никогаш не го посвоиле официјално, но живеел со нив се до заминувањето од МК Донс во Тотенхем, летото 2015 година.

„Кога сте тренер на млади фудбалери, вие сте и социјален работник, родител, психолог. Мора да ги разберете малите деца. Но, кај Деле сфатив дека се мора да биде уживање. За него фудбалот беше забава. Брзо ќе му здодееше ако на него постојано му викате. Наместо тоа, требаше само да го пуштите да се изрази“ – истакна Мајк Доув.

Али одлично почнал да се развива и на само 16 години, кога го имал своето деби за првата екипа на МК Донс, првиот гол го постигнал од 30 метри. Тотенхем беше најбрз и го ангажира Деле, за кого плати 6.63 милиони евра и го остави во матичниот клуб до крајот на сезоната. Деле експлодира веќе во првата сезона во дресот на тимот од „Вајт Харт Лејн“.

Тој во октомври 2015 година дебитираше за сениорската репрезентација на Англија и досега настапи на 15 натпревари, а има два постигнати гола. Со своите одлични настапи, тој го привлече вниманието на многу европски гиганти, го продолжи договорот со Тотенхем до 2022 година и тешко е да се очекува дека клубот лесно ќе се откаже од неговите услуги во блиска иднина…А за него веќе наддаваат Реал Мадрид и Барселона…Момчето што преживеа многу животни предизвици, сега конечно може да ужива во фудбалот и во животот.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.