Прв пораз: Вардар храбро падна во Барселона

Вардар го претрпе првиот пораз сезонава во Лигата на шампионите, откако македонскиот првак вечерва загуби на гостувањето против Барселона со минимални 29-28. „Вардарци“ одиграа квалитетно, добро се бореа цел меч, но немаа сили да го изненадат каталонскиот гигант, продолжувајќи ја својата серија порази на гостувањата во Шпанија.

Каталонците максимално мотивирани влегоа во натпреварот, искористија и неколку грешки на „вардарци“, па набрзина стигнаа до водство од 5-2. Јасно беше дека македонскиот првак не може долго да игра на тоа ниво, наскоро избраниците на Раул влегоа во посакуваниот ритам, Штербик влезе во серија на одбрани, па експресно се стигна и до егал-резултат. Вардар стигна и до предност од 8-10, по што Чави Пасквал зеде тајмаут, а Барса потоа заигра далеку поцврсто во одбраната. Европскиот првак неколку минути беше без постигнат погодок, а домаќините знаеја како да го искористат тоа и на одмор да заминат со минимална предност од 15-14, која можеше да биде и поубедлива доколку Ривера во последната акција не се сплеткаше самиот да реализира, туку да ја оставеше топката на патот до мрежата. Штербик беше одличен во овој дел од мечот со девет одбрани, но немаше одговор за Жалуз, кој постигна шест гола од исто толку обиди.

Барселона подобро го стартуваше и второто полувреме, па каталонците набрзина поведоа со „плус три“ (18-15). Во првите осум минути данските судија исклучија тројца ракометари на Вардар (Абутовиќ, Мораеш и Борозан), но одличен беше Милиќ, кој одбрани два пенали. „Вардарци“ не беа доволно дисциплинирани при нападите без голман, па Виран Морос погоди во празната мрежа. Дибиров биеше прецизно за намалување на 21-19 во 44. минута, судиите го исклучија и Виктор Томас, но Барселона ги издржа тие две минути со играч помалку притоа и постигнувајќи гол преку Дика Мем.

При резултат 22-20 Вардар имаше напад за резултатски да се врати, но македонскиот првак во следните два напади ја загуби топката, па Барса со лесни голови од контранапад за првпат во натпреварот стигна до „плус четири“ (24-20), принудувајќи го Раул Гонзалес на тајмаут на нешто помалку од десет минути до крајот. Одговорноста по тајмаут ја презеде Игор Карачиќ, кој ја преполови предноста на противникот со два гола и една асистенција, па при резултат 25-23 дојде ред Чави Пасквал да земе минута одмор за да ја прекине серијата на противникот. Барса влезе во ритам, а имаше и помош по престрого досуденото исклучување на Канељас. Каталонците знаеја како да го искористат подарокот од арбитрите и набрзина се вратија на „плус четири“ (28-24), по што следеше и исклучување на спротивната страна по грубиот старт на Боргес над Борозан.

Вардар намали на „минус два“ (28-26), Шишкарев на половина минута до крајот намали на само еден гол разлика (29-28), но потоа данските судии не извршија притисок со закана за пасивен напад, па Барселона ги одработе последните триесетина секунди без шут, за минимална победа над актуелниот првак на Македонија.

Криштопанс со седум гола беше најефикасен во редовите на „црвено-црните“, Лука Циндриќ постигна пет погодоци, што сепак се покажа премалку за да се стигне до првата победа во Шпанија во клупската историја.

Вардар и покрај денешниот пораз останува на чело на групата, сега со само еден бод предност во однос на второпласираниот Нант, кој денеска славеше на гостувањето против Кристијанштад со резултат 26-31. Во следното коло „вардарци“ на домашен терен на 18 февруари ќе го пречекаат тимот на Пик Сегед.

Се вчитува...