Прв собир на Раул: Македонија има квалитет, но стравувам од Палмарсон

Македонската ракометна репрезентација утрово го одржа првиот тренинг, за старт на подготовките за двомечот против Исланд во квалификациите за ЕП 2018. Ова воедно е и прва средба на Раул Гонзалес со репрезентативците, откако Шпанецот пред околу еден месец беше именуван за нов селектор на местото на Лино Червар. Шпанскиот стручњак доаѓа на оваа функција и пред новиот предизвик полн со оптимизам по историскиот пласман со Вардар на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите.

Пред нас е еден многу важен и многу тежок натпревар. Треба да победиме овде во Скопје за да направиме чекор напред кон пласман на ЕП и јас сум оптимист. Немаме многу време за подготовки, првата средба ќе ја играме веќе в четврток, но јас сум позитивно расположен, верувам дека Македонија поседува квалитет и се ќе биде добро на крајот“ – истакна Гонзалес.

Тој ќе има можност да одржи само неколку тренинзи со репрезентативците пред дуелот со моќниот ривал, па оттука се чини дека и нема премногу простор за експерименти и коренити промени во тактиката.

Не можам да кажам ништо во моментов. Имам одредена идеја во главата, но морам да видам како ќе се одвиваат работите на тренинзите. Знаете како е, очекуваш нешто што си го замислил, но мора да се види дали тоа може да се примени. Сакам да видам се, да анализирам, а потоа ќе одлучам како треба да играме“ – порачува шпанскиот стручњак.

Македонскиот селектор има огромен респект за противникот, кој ќе биде значително засилен во однос на последниот мундијал со враќањето на својот најдобар играч Арон Палмарсон, кој игра извонредно во дресот на Веспрем во последно време.

„Исланд има извонредни играчи, пред се Палмарсон и да бидам искрен јас стравувам од него бидејќи игра одлично во последно време, а кога Палмарсон е во ритам тогаш целата репрезентација на Исланд делува многу моќно. Знаеме дека ќе биде тешко, ќе мораме да бидеме максимално фокусирани за да стигнеме до посакуваната победа“ – истакна за крај македонскиот кормилар.

На денешниот прв тренинг отсутни беа Кирил Лазаров, Дејан Манасков и Филип Талески, кои во текот на денешниот ден ќе се приклучат на националниот тим.

Се вчитува...