Прва лига: Шкендија не признава „романтика“, Вардар му се „одмаздува“ на Скопје?!

Шкендија сака да се зацврсти на лидерското место, а Работнички се надева дека ќе успее да ја продолжи позитивната низа по трите победи по ред во шампионатот. Дербито на 14.коло во Првата фудбалска лига се игра во Тетово, со почеток во 13.30 часот.

Дефанзивецот Егзон Бејтулаи се надева дека Шкендија ќе стигне до нови три бода на денешниот меч.

„Атмосферата во тимот е одлична, подготвени сме за новиот првенствен предизвик. Ни гостува Работнички, со кој ги одмеривме силите и во Купот, и го елиминиравме на пенали. Сега се надеваме дека ќе успееме да го совладаме овој ривал и дека ќе ги освоиме трите бода“, вели Бејтулаи.

Значаен придонес во последните добри игри и победи на Работнички има и крилниот напаѓач Сержо јуниор. Тој се надева дека тимот може и денеска да одигра на завидно ниво и да остане непоразен против Шкендија.

„Мораме да бидеме мудри, да одиграме интелигентно против Шкендија. Знаеме дека тие се во моментов најдобрата екипа во лигата, нивниот напад е речиси незадржлив. Но, доколку одиграме како на минатите натпревари и успееме да ги задржиме малку подалеку од нашиот гол, имаме шанси за успех. Верувам дека шефот на стручниот штаб ќе подготви добра противигра, а на нас останува да ја примениме на теренот. Атмосферата во тимот е одлична и тоа е наш голем адут и за денешниот дуел во Тетово“, порачува Сержо јуниор.

FK Vardar-skopje (18)

Актуелниот шампион Вардар одамна нема почувствувано победа. По последниот пораз од Реал Сосиедад во Лигата на Европа, тимот мора брзо да се фокусира на домашните искушенија. На арената „Филип Втори“ гостува последнопласираниот тим на Скопје, кој во првиот дел од шампионатот му украде бод на Вардар. Сега Чедомир Јаневски и фудбалерите сигурно ќе бидат повнимателни и ќе подготват одмазда.

На Чаир, Шкупи ќе го пречека Силекс, а во Битола силите ќе ги одмерат Пелистер и Ренова. Битолскиот тим исто така е во лоша серија, па на дуелот со Ренова неопходни му се трите бода.

Во Струмица, најпријатното изненадување оваа есен, тимот на Академија Пандев ќе ја нагости Победа.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 14.КОЛО (13.30 ЧАСОТ)

ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 

ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА

ВАРДАР – СКОПЈЕ

ШКУПИ – СИЛЕКС

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПОБЕДА 

Се вчитува...