Првиот тренинг со четири играчи, „сериозна“ работа од 25 декември

Македонската ракометна репрезентација го отпочнува стартот на подготовките за ЕП 2018, но од денеска со работа ќе почнат само четири ракометари. Станува збор за Горан Крстески и Гоце Ојлески од Работник, како и Стојанче Стоилов и Мартин Поповски од Вардар, кои во следните неколку дена ќе работат по специјална програма изготвена од селекторот Раул Гонзалес, со кондициски тренер и на индивидуален план со помошникот Парондо.

Идејата е оние ракометари кои порано ги завршија настапите во своите клубови да останат во тренажен процес, да не дојде до подолга пауза кај нив. Затоа овие четворица ракометари од денеска ќе почнат со работа, а очекуваме до крајот на оваа седмица бројот на играчи да дојде до десет, со приклучување на дел од играчите на Металург, како и уште неколку интернационалци. Повторувам, сето ова се прави за репрезентативците да бидат во ритам за самиот старт на подготовките“ – изјави директорот на репрезентацијата, Милчо Чакарески.

Тој открива дека официјалниот прв собир на националниот тим ќе се случи на 25 декември, на кој ќе учествуваат речиси сите ракометари кои се наоѓаат на поширокиот список на Раул Гонзалес.

Официјалниот прв собир е закажан за 25 декември во 16.30 часот и тогаш Раул ќе ги има речиси сите ракометари на располагање. Меѓу последните ќе пристигнат и Прибак и Филип Лазаров, кои подоцна завршуваат со обврските во Бешикташ. Последни доаѓаат Филип Миркуловски и Филип Талески, кои имаат натпревар во Бундес-лигата и на 26 декември би требало да се во Македонија“ – вели Чакарески.

Македонската репрезентација е дел од групата Ц од ЕП 2018 што се игра во Хрватска, заедно со селекциите на Словенија, Германија и на Црна Гора. „Црвено-жолтите“ првиот меч во Загреб го играат на 13 јануари против Словенија.

Се вчитува...