ПСЖ го продава Кавани, па го зема „гратис“ Алексис Санчез

Единсон Кавани нема долгорочна иднина во Пари сен Жермен и покрај смирените страсти со Нејмар, тврдат француските медиуми откривајќи дека Уругваецот ќе биде асот што „светците“ ќе го продадат за да ги задоволат условите на финансиски ферплеј. За тимот да не биде ослабен, ПСЖ планира наредното лето да го доведе Алексис Санчез, кој е идеално решение бидејќи е слободен играч по истекот на договорот со Арсенал.

ПСЖ потроши нешто помалку од 400 милиони евра на Нејмар и на Мбапе во изминатиот преоден рок, а останатите европски гиганти гласно бараат од УЕФА ригорозно да го казни овој клуб за непочитување на правилата за финансиски ферплеј (клубовите да трошат онолку пари колку што реално заработуваат во текот на сезоната).

На раководството на „светците“ веќе јасно му е ставено до знаење дека ќе мора да продаде неколку првотимци за да ги задоволи критериумите, а Ди Марија и Бен Арфа по се изгледа нема да бидат доволни.  Кавани делува како одлично решение бидејќи бројни гиганти бараат голгетер од светски калибар, па францускиот вицепрвак е убеден дека само од Уругваецот ќе може да заработи најмалку 80 милиони евра. Оваа сума, заедно со оние од најавените продажби на Ди Марија и на Бен Арфа, би била доволна за да се смират тензиите околу непочитување на ферплејот.

За да тоа не се одрази врз квалитетот, ПСЖ е решен да го доведе Алексис Санчез како замена за Кавани. Задачата нема да биде лесно бидејќи за овој извонреден напаѓач, кој е достапен без никаква отштета, ќе се интересираат сите европски гиганти, но катарските газди на „светците“ се оптимисти дека ќе го убедат Алексис да дојде токму на „Паркот на принцовите“, за ново фантастично голгетерско трио заедно со Нејмар и со Мбапе.

Се вчитува...