ПСЖ со гостинска победа против Пик Сегед на чекор до Ф4

ПСЖ му се придружи на Вардар со брејк-победа во првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Францускиот првак на гостувањето во Унгарија славеше против Пик Сегед со 27-30  и ја потврди фаворитската улога во овој дуел. Овој триумф трите гола позитива му даваат огромна предност на францускиот шампион пред реваншот на 29 април во Париз.

Уште од стартот ПСЖ имаше контрола на играта и одржуваше предност од 2-3 гола. Домаќините се обидуваа да најдат решение за играта на францускиот дрим-тим, два пати дојдоа до изедначување на 4-4 и потоа на 9-9, но ПСЖ брзо се враќаше во позитива и не дозволи пресврт.

Францускиот тим ја задржа контролата и позитивата и во вториот дел од натпреварот и на крај стигна до важна победа која ги носи чекор поблиску до пласман на Ф4 во Келн.

Никола Карабатиќ и Микел Хансен постигнаа по седум, а  Уве Генсхајмер запиша шест гола за ПСЖ. Кај Пик Сегед најефикасен беше Педро Родригез со шест погодоци.

Се вчитува...