ПСЖ тргнува во офанзива – преговори со Нејмар

ПСЖ беше пасивен во досегашниот дел од преодниот рок, но „светците“ планираат да тргнат во офанзива по нова мегаѕвезда со која би го симнале Монако од тронот на францускиот фудбал, но и повторно би атакувале на титулата во Лигата на шампионите. Како што јавуваат шпанските медиуми, „светците“ од Париз повторно ќе се обидат да си ја исполнат старата желба – на „Паркот на принцовите“ да го доведат Нејмар.

Таткото на Бразилецот, кој воедно е и негов агент, во текот на оваа седмица ќе седне на разговори со првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи. Темата е јасна, какви се шансите за трасфер на Нејмар во ПСЖ, а за очекување е таткото да ја потврди желбата на својот син, секако доколку се најде заеднички јазик со Барселона. Договорот на Нејмар со Барса има клаузула за раскин во висина од 222 милиони евра, но „светците“ имаат значаен адут во преговорите во Марко Верати.

Каталонците се загреани за италијанскиот плејмејкер, проценет на 100 милиони евра, па се очекува понуда од Верати плус 50 милиони евра да биде доволна за Барселона да даде зелено светло за заминување на Нејмар, особено доколку самиот фудбалер искаже желба да ги промени клупските бои. Тој би добил плата од над 20 милиони евра, како и значаен дел од имиџ-правата што во моментов припаѓаат на Барселона, воедно и би излегол од сенката на Лионел Меси, кој дефинитивно секогаш е во преден план кога е во прашање тимот на каталонскиот гигант.

Се вчитува...