Работнички добива 490.000 евра од Општина Центар

Работнички гази се пред себе во кошаркарскиот шампионат на Македонија, а тимот од „Градски парк“ ќе биде дополнително „засилен“ со капитал вреден 490.000 евра, што во 2018 година ќе го добие од Општина Центар. Советниците на оваа општина во текот на утрешниот ден треба да го изгласаат буџетот за наредната година, во кој значителна стапка оди токму на адреса на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Доминацијата на лутиот ривал МЗТ Скопје во последните шест години сигурно е една од причините поради која Градоначалникот Саша Богдановиќ (поранешен предводник на „Сити парк бојс“) се решава да помогне повеќе во однос на својот претходник на чело на општината. Како што е најавено, Општина Центар за спорт ќе издвои околу 660.000 евра, од кои 490.000 евра ќе завршат на адреса на клубот од „Градски парк“. Дел од овие пари ќе послужат за покривање на стари долгови, но поголемиот дел ќе останат за уште поголемо засилување на играчкиот кадар, во обид Работнички да се врати на врвот на македонската кошарка.

За ‘Работнички’ оваа година даваме малку повеќе пари. Лани од буџетот беа предвидени за клубот околу 300.000 евра. Ќе го помагаме клубот додека застане на нозе односно додека добие спонзор, на што се работи“, вели Богдановиќ за порталот „Сакам да кажам“.

Се вчитува...