Работнички го освои Аеродром, МЗТ тоне ли, тоне... - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Коментари
11/12/2017 12:49
Ракомет
11/12/2017 11:00
Меѓ. Фудбал
10/12/2017 19:26
Кошарка
10/12/2017 19:35

Работнички го освои Аеродром, МЗТ тоне ли, тоне…

Работнички го освои Аеродром, МЗТ тоне ли, тоне…

Резултатската криза на МЗТ Скопје се продлабочи и во домашното првенство, каде актуелниот првак го претрпе и третиот пораз, овој најболен со оглед на фактот дека е претрпен пред своите гледачи од вечниот ривал Работнички (71-76). Големото дерби донесе квалитетна кошарка, израмнет дуел до самиот финиш, за избраниците на Марин Докузовски да покажат повеќе искуство и квалитет во последните три минути и да стигнат до победата. Кризата во играта на „сино-белите“ е и повеќе од очигледна, а ниту ремонтот во играчкиот кадар очигледно не ги дава посакуваните резултати. Од друга страна, Марин Докузовски одлично знае што сака од своите играчи и како да го извлече најдоброто од нив, па Работнички заслужено останува со перфектен скор во македонската прва лига.

Дамјан Стојановски ги постигна првите шест поени за МЗТ Скопје, а „металците“ го контролираа резултатот на почетокот. За промена, одилично функционираше нивната одбрана, во првите шест минути МЗТ имаше пет украдени топки, па неслучајно и стигна до предност од 13-8. При резултат 13-10 Докузовки за првпат во игра го стави Чековски, Работнички заигра поцврсто, но првата четвртина сепак заврши со предност на аеродромци од 17-15, по положувањето на Мавра. Гостите првото водство го имаа во 12. Минута, кога со тројката на Чавдар Костов стигнаа до 17-20, а потоа преку мираковски Работнички поведе и со 17-22.

IMG_2456

МЗТ упорно инсистираше на тројки (домаќините шутираа 1/10 по неполни 13 минути игра), за Симоновски со два погодени шутеви да ги врати „металците“ во ритам.  Истиот кошаркар потоа погоди тројка за водство од 24-22 на шампионот, но на спротивната страна возврати Гинјард со две тројки, принудувајќи го Александар Тодоров на тајмаут при резултат 24-28. По тајмаутот Работнички три минути не постигна поени, а МЗТ Скопје стигна до израмнување. Домаќините беа поумешни во самата завршница од полувремето, откако украдоа топка при последниот напад на Работнички, па со тројката на Симоновски со звукот на сирената МЗТ на одмор замина со предност од 38-35.

Третата четвртина почна со извонредна блокада на Дамјан Стојановски по обидот за тројка на Чавдар Костов, по што бугарскиот интернационалец направи и неспортска лична грешка. МЗТ имаше и најубедливи 42-35, но Работнички се врати благодарение на Бојан Крстевски, кој одигра одлично и во нападот и во одбраната, па на половина од третата четвртина гостите повторно имаа минимална позитива од 44-45. МЗТ повторно заигра поагресивно во одбраната и поведе со 55-52, по што Докузовски побара тајмаут. Мираковски промаши тројка пред крајот на четвртината, по што Павличевиќ положи крај Николовски, за 58-54 на крајот од третата четвртина.

kk mzt- kkrabotnickiii 06.12 (45)

Домаќините ја стартуваа последната четвртина со тројката на Дамјан Стојановски, но Работнички не се предаде, па само две минути подоцна дојде на само еден поен разлика, 61-60. Токму Николовски максимално мотивиран против поранешниот клуб донесе прессврт, погодувајќи тројка за 61-63, за потоа да изнуди лична грешка од Трајковски и погоди две слободни фрлања, за водство на Работнички од 61-65 и нов тајмаут на Александар Тодоров. Симоновски веднаш по тајмаутот погоди тројка, а Бојан Трајковски со прецизен шут од далечина израмниа на три минути до крајот (67-67). Во клучните моменти одговорноста ја презеде Мираковски, со асистенција до Крстевски, а потоа и со положување, принудувајќи го Тодоров на нов тајмаут. И по тајмаутот МЗТ продолжи да инсистира на шутеви од далечина, овојпат тие беа непрецизни, а Работнички искусно го искористи тоа за конечна победа од 71-76.

Гинјард беше најефикасен кај победничкиот тим со 20 поени, а одлични беа и репрезентативците Бојан Крстевски со 16 поени и Кире Николовски со 11 поени и 13 скокови.

Кај МЗТ Скопје до двоцифрен ефект стигнаа само Дамјан Стојановски со 19 и Марко Симоновски со 18 поени.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.