Работнички го освои Кавадарци за второ место во Супер-лигата

Екипата на Работнички триумфално го заврши настапот во Супер-лигата, стигнувајќи до многу значајна победа на гостувањето против Фени индустри (71-89). Со овој триумф тимот на Марин Докузовски и дефинитивно ја заврши Супер-лигата на втората позиција и ќе ја има предноста на домашниот терен во полуфиналната серија со градскиот ривал Карпош соколи.

Гостинските кошаркари целата работа на денешниот дуел ја завршија уште во првата четвртина, во која Работнички одигра фантастично во нападот постигнувајќи дури 32 поени за водство од 15-32. Играчите на Фени во продолжението заиграа нешто подобро во одбраната, но сепак немаа сили да се вратат во натпреварот. Тимот од „Градски парк“ на одмор замина со водство од 33-47, по што искусниот состав на Марин Докузовски рутински го одигра второто полувреме, за лесна победа од 71-89, како увертира за полуфиналните пресметки со Карпош соколи.

Мишановиќ со 18 поени беше најефикасен во редовите на Работнички, пред Тасовски и Мираковски со по 15 поени, додека најдобар стрелец на Фени во последниот меч на оваа екипа сезонава беше Стајиќ со 13 поени.

Се вчитува...