Работнички му се одмазди на Куманово, на ред се „соколите“ од Карпош

Работнички е третиот полуфиналист во Купот на Македонија откако тимот од „Градски парк“ славеше во дерби дуелот со Куманово со резултат 87-81. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Работнички доминираше од првата минута на оваа средба, во поголемиот дел имаше и двоцифрена предност, за во последниот период избраниците на Марин Докузовски да одолеат на налетите на кумановци, кои и покрај големата желба не успеаја да направат целосен пресврт. Со оваа победа, Работнички му се одмазди на Куманово за поразот во четвртфиналето од ланскиот Куп на Македонија што се одржа во Гевгелија, обезбедувајќи си место во полуфиналето каде утре ќе ги одмери силите со тимот на Карпош соколи.

Работнички тргна фуриозно во нападот уште од првата минута, па скопскиот клуб ги погоди првите три обиди за тројка (Чековски, Тасовски и Мираковски), за по положувањето на почетокот од петтата минута да дојде и до двоцифрена предност од 15-5. Јасно беше дека ритамот во нападот не може да се задржи предолго, но затоа Работнички играше добро во одбраната, па „црвено-белите“ умешно ја одржуваа предноста до крајот на четвртината (24-13), со петте поени што во финишот ги постигна Николиќ. Во 12. минута Работнички имаше постигнато двојно повеќе поени од противникот (30-15), Куманово успеа да се приближи до 32-22, во период во кој и двете екипи инсистираа на шутеви од далечина и премногу често промашуваа. Во вистински момент повторно блесна Николиќ, кој постигна уште две тројки, па избраниците на Марин Докузовски на одмор заминаа со „плус 13“ (42-29).

rabotnicki kumanovo

Третата четвртина повторно мина во израмнета игра на двата тима во која скопскиот состав лесно ја одржуваше предноста создадена во првите 20 минути од средбата. Кумановци дојдоа на „минус десет“ (57-47), но кога беше многу значајно блеснаа младите играчи на Работнички, најпрвин Ефремовски постигна тројка, потоа положување реализираше и Маслинко (два плус еден), па Работнички стигна до удобни шеснаесет поени предност. Пековиќ и Караџовски реализираа за 63-51 пред самиот крај на четвртината, за на почетокот од последниот период Куманово по подолга пауза да ја спушти разликата под десет (63-54).

Актуелните вицешампиони конечно почнаа да погодуваат и од далечина, па по реализираните тројки на Јанески, Караџовски и Браун Куманово стигна до 70-65, принудувајќи го Марин Докузовски да побара минута одмор. Чековски постигна многу значајна тројка, но неполна минута подоцна искусниот крилен центар направи неспортска лична грешка. Караџовски ги погоди двете слободдни фрлања, но потоа Караколев промаши обид за тројка со кој можеше да внесе дополнителна неизвесност во финишот. Работнички погоди четири „пенали“ во серија (по два пати прецизни беа Мишановиќ и Чековски), потоа имаше и „плус дванаесет“, но кумановци не се предадоа, па со експресна серија од 8-0 ја вратија неизвесноста, намалувајќи на 79-75 на 102 секунди до крајот.

efremovski slavi rabotnicki

Одговорноста врз себе ја превзеде Мираковски, кој најпрвин реализираше за 81-75, пред да асистира до Мишановиќ, кој погоди под рекетот за одлични „плус осум“ за Работнички на помалку од една минута до крајот. Куманово при шест поени разлика промаши два шута на половина минута до крајот, со што и дефинитивно ги загуби шансите на овој меч, што заврши со конечни 87-81.

Мишановиќ со 23 поени беше најефикасен кај Работнички, Мираковски одигра уште еден одличен натпревар со 19 поени, 5 скока и 7 асистенции, додека Чековски го заврши натпреварот со 17 поени. Најдобри поединци кај Куманово при денешниот пораз беа Караџовски со 19 и Неговановиќ со 15 поени.

Работнички утре во првото полуфинале во 18 часот ќе се сретне со Карпош соколи, додека Фени индустри во 20.30 часот ќе ги одмери силите со подобриот од мечот меѓу МЗТ Скопје и Кожув.

Се вчитува...