Работнички не го дава „Градски парк“, ги приземји и „соколите“ од Карпош

Кошаркарите на Работнички ја продолжија својата победничка серија во Супер-лигата откако вечерва го зедоа скалпот на фаворизираниот тим на Карпош соколи, совладувајќи го освојувачот на Купот на Македонија со 79-74. „Соколите“ настапија на овој дуел без Бојан Трајковски, чие отсуство премногу се почувствува во играта на овој тим. Работнички и на претходните дуели со Карпош соколи добро се држеше се до последната четвртина, но овојпат тимот на Марин Докузовски токму во завршницата го заврши најголемиот дел од задачата, со цврста одбрана вртејќи го резултатот во своја полза и стигнувајќи до триумф со кој Работнички речиси си го осигура пласманот во полуфиналето од плејофот.

Работнички го отвори натпреварот со прецизни шутеви од далечина, па со поените на Чековски и Илиевски поведе со 6-3. Првата четвртина со поените на Лабовиќ заврши со 23-21, а израмнетата игра продолжи и во вториот период. По водството на Работнички од 27-21 гостите од Карпош одговорија со серија од 10-1, со која го свртеа резултатот во своја полза. „Соколите“ заминаа на одмор со предност од 37-41, но Работнички експресно одговори во третиот период. Чековски презеде голем дел од одговорноста завршувајќи неколку напади во првиот дел од третата четвртина, а кога почнаа да погодуваат и Илиевски и Николиќ домашниот тим поведе со 50-46. Карпош соколи се консолидираше пред крајот на овој период од мечот, па со поените на Пери и на Зековиќ гостите се приближија на 57-56, резултатот со кој се влезе во последните десет минути игра.

mavra i ilievski

Работнички не постигна поени во првите две и пол минути од четвртата четвртина, а гостинскиот состав го искористи тоа и поведе со 57-60. Докузовски побара и тајмаут при негатива од 61-66, по што Работнички за неполни две минути израмни на 66-66. Пери постигна тројка за Карпош соколи, но со иста мера возврати Ефремовски на другата страна. Мираковски постигна тројка за водство на Работнички од 72-69, потоа и двата тима не искористија по два напади, пред Мираковски со нова тројка да стави точка на натпреварот, за водство од 75-69 на триесет секунди до крајот. „Соколите“ ги реализираа следните напади преку Пери и Лабовиќ, но тоа беше задоцнет финиш за тимот на Драган Николиќ, кој во шестото коло го претрпе и вториот пораз во Супер-лигата.

Чековски постигна 22 поени и беше најефикасен кај победничкиот тим, Мираковски реализираше 18, додека Владо Илиевски го заврши мечот со 16 поени и 8 асистенции. Лабовиќ со 24 и Зековиќ со 18 поени беа единствените двајца кошаркари кај Карпош соколи кои остварија двоцифрен ефект на дербито во „Градски парк“.

Се вчитува...