Работнички – Вардар во фокусот, Шкендија тргнува со Селими на кормилото

Градското дерби меѓу Работнички и Вардар ќе биде во фокусот на денешната програма од 33.коло во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“ сакаат да го сочуваат третото место на табелата, а Пелистер по вчерашниот триумф (1-0) над Шкупи им се доближи на само еден бод. Токму затоа нивните мотиви за победа над старо-новиот шампион се огромни.

„Одиме на победа против Вардар. По победата во Кратово над Силекс, сакаме да продолжиме во победнички ритам и на преостанатите мечеви до крајот на првенството. В недела не очекува дуел со шампионот Вардар, што секако е мотив повеќе да одиграме најдобро што можеме. Имаме респект за противникот, но мислам и дека мотивите ќе бидат на наша страна. Имаме квалитет за да ги совладаме „црвено-црните“, тоа сме го покажале и досега“, изјави левиот бек Себастијан Херера.

Вардар и официјално ја одбрани шампионската круна, но сака во стил да го заврши првенството, па Бобан Николов најавува триумф на денешното дерби со „романтичарите“.

„И покрај тоа што ја имаме обезбедено титулата и првото место, сепак, посакуваме што повеќе победи во оваа сезона, и во финишот на оваа сезона одиме победнички се до крајот на шампионатот. Во градското дерби сакаме да бидеме победници, и затоа ќе одиме на трите бода. Немам ништо против кога повторно би бил јас стрелец, но најважно ќе биде да победи Вардар. Треба сите да дадеме максимум за да дојдеме до посакуваниот резултат“, вели Николов.

Шкендија ќе го игра првиот меч по заминувањето на Томас Брдариќ. Сега на клупата е Ерхан Селими, а тимот гостува на Македонија ЃП.

„Максимално сериозно му приоѓаме на мечот и имаме само една цел, да оствариме триумф и да ги освоиме бодовите. Ќе го одработиме овој натпревар со голем ентузијазам, а потоа ќе мислиме на финалето на Купот против Пелистер“, изјави новиот тренер на Шкендија.

ДВОЈКИ – ПРВА ЛИГА, 33.КОЛО

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКЕНДИЈА

РЕНОВА – СИЛЕКС

БРЕГАЛНИЦА – ПОБЕДА

ВЧЕРА: ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ 1-0 

Се вчитува...