Рајн Некар Левен ќе преспие на аеродром пред дуелот со Барселона!

Актуелниот германски шампион Рајн Некар Левен за 24 часа има две гостувања и два натпревари – едниот во Бундес лигата против Лајпциг, вториот во Лигата на шампионите против Барселона. На Лапциг му гостуваат денеска (18.10 ч.), а веќе утре (19 ч.) во „Блауграна“ ги очекува дербито во ЛШ против Барселона. „Лавовите“ по завршувањето на мечот во Лајпциг продолжуваат за Шпанија, ќе преспијат на аеродром во Берлин и треба да пристигнат во Барселона само шест часа пред мечот.

За разлика од „летечкиот ритам“ на германскиот тим кој за 24 часа треба да одигра два меча, Барселона пред утрешниот дуел имаше пет дена за одмор и тренинзи по лесниот триумф протиув Енкантада (34-27) во шпанската АСОБАЛ лига.

Актуелниот германски шампион во чиј состав е и македонскиот репрезентативец, Филип Талески, е во „луд ритам“ поради згуснатиот календар со настапите во Бундес-лигата и во Лигата на шампионите. И во сето тоа, Рајн Некар Левен во периодот од 15 октомври до 23 ноември, има дури девет гостински натпревари во двете натпреварувања, без ниеден меч на домашен терен.

Избраниците на тренерот Николај Јакобсен засега добро го издржуваат овој пеколен ритам. Во Бундес-лигата имаат девет победи и само еден пораз, а во ЛШ се без пораз по првите шест натпревари, со четири победи и две нерешени средби и со еден бод помалку држат чекор на табелата со Вардар. Барселона ја комплетира водечката тројка во А групата со еден бод помалку од РНЛ, по поразот од Вардар во Скопје.

Се вчитува...