Рајн Некар Левен поуспешен од Бергишер, Македонците без голови

Рајн Некар Левен на домашен терен го победи Бергишер со 31-28  во натпреварот од 28.коло во Бундеслигата. Со овој триумф, „лавовите“ остануваат на втората позиција на табелата зад водечкиот Фленсбург кој во денешниот дуел го победи Штутгарт со 36-27  и ја задржа лидерската позиција со еден бод, но и со натпревар повеќе од актуелниот германски шампион.

Натпреварот во Манхајм беше и дуел на двајцата македонски интернационалци на спротивните страни на теренот – Филип Талески во дресот на Рајн Некар Левен  и Ацо Јоноски во тимот на Бергишер. Дејан Манасков на овој меч не беше во составот на Николај Јакобсен. Ниеден од македонските ракометари не се запиша во листата на стрелците на овој меч.

Иако важеа за големи фаворити против Бергишер кој е екипа од долниот дел на бундеслигашката табела, „лавовите“ до победата дојдоа многу потешко од очекувањата. На полувремето Рајн Некар Левен имаше предност од 18-15, но отпорот на гостинската екипа не попушти ни во продолжението. Прво изедначија на 21-21, а потоа и на 25-25, а во завршните десет минути гостите влегоа со само еден гол негатива (27-26). Но, финишот сепак, му припадна на Рајн Некар Левен кој успеа да ја задржи предноста и на крај ги запиша планираните два бода.

Александер Петерсон со седум гола беше прв стрелец во Рајн Некар Левен, а Томас Бабак со пет гола го предводеше нападот на Бергишер.

Се вчитува...