Ракометарките во тешка мисија на реваншот во Шведска

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска (19.15 ч) во Истад и гостува на Шведска во реванш натпреварот од баражот за пласман на СП 2017 во Германија. По поразот со 11 гола разлика (20-31) на првиот меч во Скопје, македонските ракометарки се речиси во невозможна мисија на гостински терен, уште повеќе ако се знае квалитетот и рејтингот на шведската репрезентација.

Она што им преостанува на избраничките на селекторот Симе Симовски е да го поправат впечатокот и да ги намалат грешките што им донесоа катастрофален пораз во Скопје.

„За нас и пласманот во овој бараж е успех, но ние моравме да покажеме повеќе на домашен терен, дури и против силен ривал каков што е Шведска. Мораме да се потрудиме овие грешки да не ги повторуваме. Мора да играме многу поцисциплинирано и поконцентрирано во нападот и многу поагресивно во одбраната. Во реваншот очекувам многу поквалитетна и подобра игра од онаа што ја прикажавме на домашен терен“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација, Симе Симовски.

Швеѓанките ја потврдија фаворитската улога во овој дуел со Македонија и со гостинската победа со 11 гола разлика практично, веќе го обезбедија пласманот на СП во Германија. Но, шведскиот селектор Хенрик Сигнел нагласува дека пласманот на СП сакаат да го заверат со двојна победа во баражот.

„Имаме многу добар резултат од гостувањето, но ние сакаме да одиграме уште еден добар натпревар. Играме на домашен терен, публиката доаѓа да не гледа и единствено нешто на што сме фокусирани е заедно да извојуваме нова победа. Имавме добра недела на подготовките во Хрватска и потоа во Македонија и се надевам дека така ќе продолжиме и денеска во Истад“ – вели Сигнел.

За денешниот реванш во Истат, во македонската репрезентација има само една измена во однос на првиот натпревар во Скопје. На местото на Теодора Кермичиева во составот ќе биде Симона Стојановска.

Се вчитува...