Раниери ја одби првата понуда по отказот од Лестер

Менаџерот на годината според ФИФА, Клаудио Раниери, ја одбил можноста да ја продолжи тренерската кариера непосредно по неговиот отказ од Лестер. Германскиот бундеслигаш Волфсбург е клубот кој стапил во контакт со искусниот Италијанец, но самиот Раниери смета дека засега не е подготвен да преземе друг клуб, а најмалку „волците“, со оглед на тоа дека се во слична позиција како и неговиот поранешен тим, Лестер сити. По сите изгледи Раниери со тренерската работа ќе паузира до лето, за детално да ги разгледа опциите кои му се нудат.

Германскиот прволигаш од неодамна е без тренер, по отказот на Валериен Исмаил, па Раниери им се виде како најдобра опција. Изминатите трансфер периоди Волфсбург ги продаде двете најголеми ѕвезди на тимот, Андре Шурле потпиша за Борусија Дортмунд, а Џулијан Дракслер се пресели во францускиот шампион ПСЖ, па тоа се рефлектира и на резултатите. Иако заработија 75 милиони евра од двајцата играчи, Волфсбург не доведе вистински засилувања, па можеби тоа е една од причините за негативните резултати кои ги редат сезонава.

Волфсбург моментно е на 15. позиција на табелата во Бундес-лигата со 23 бода, исто колку и Хамбургер кој е во зоната за испаѓање, а во следното коло гостуваат кај Лајпциг.

Се вчитува...