РАСПОРЕД: Македонија прва и во Вараждин, на стартот со Шпанија на 21 јануари

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Одлично се поклопуваат коцките за македонската репрезентација на Европското првенство во Хрватска, откако по комплетирањето на групата Д стана јасно дека Македонија ќе биде лидер на групата во Вараждин, како единствена селекција што ќе пренесе три бода во втората фаза. Клучен беше вечерашниот дуел меѓу Данска и Шпанија на кој Данците триумфираа со 25-22, па трите селекции од групата Д имаат по два бода во Вараждин (поради сензационалниот триумф на Чешка над Данска, како и убедливата победа на Шпанија над Чешка).

Со два бода во следната рунда влегува и Германија, додека последнопласирана е селекцијата на Словенија, која ќе има само еден бод пред стартот на новата фаза.

Познат е и распоредот, а Македонија како првопласирана репрезентација ќе има три дена одмор, па првиот  настап во Вараждин ќе го има на 21 јануари. Ривал ќе ни биде Шпанија, како најдобра во „кругот“ од „групата Д“, на 23 јануари ќе се сретнеме со Чешка, а решавачки за пласман во полуфиналето би можел да биде нашиот дуел со Данска, во последното коло на 24 јануари.

Се вчитува...