Раул „ел команданте“ vs Вујо „мајсторе“ – војна на ракометните светови

ЕКИПА на ЕП во Загреб,

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Македонија денеска стартува на Европското првенство во Хрватска. Во првиот натпревар во загрепска „Арена“ (19.30 ч.), македонските ракометари „отвораат“ против селекцијата на Словенија. Два добро познати противници предводени од двајца поранешни освојувачи на олимписки медали, сега успешни тренери-селектори. Секој со свој посебен стил и секој на свој начин почитуван од играчите и од публиката– Раул Гонзалес и Веселин Вујовиќ.

Во однос на ланскиот судир на овие две селекции на СП во Франција, разлика има и во составите, но и многу повеќе во односот на силите на клупата. Лани тензијата околу балканскиот судир во Мец беше дополнително подгреана со традиционалните искри на ривалството меѓу Вујо и Лино, тогаш во улога на селектор на Македонија. Сега атмосфера е многу помирна и потивка, во стилот на Раул, со взаемно почитување меѓу двајцата селектори и двете репрезентации.

Шпанецот Раул Гонзалес кој го однесе Вардар до европската титула во ЛШ, е еден од главните адути на македонската репрезентација на овој европски шампионат. „Ел команданте“ во своето селекторско деби на ЕП, внесува нов елан во искусната македонска репрезентација, за ова ЕП подмладена и со неколку ракометари од новата генерација. Предноста на Македонија со Раул Гонзалес на клупата е во одличната тактичка подготвеност, студиозната анализа на противниците, сигурната поставеност во одбраната и неверојатното способност на селекторот од секого да извлече максимум. Македонија е комплетна, спојката на искуство и младост под палката на „ел-команданте“ функционира мирно и беспрекорно. Предноста на Раул во однос на Вујо е мирниот пристап и растовареноста и комплетноста на тимот.

На другата страна е Веселин Вујовиќ со своите „змајчеки“ кои лани ги однесе до бронзен медал на СП. Словенците се соочуваат со серија проблеми и откажувања поради повредите на дел од играчите, дел од нив клучни во оној бронзен состав од лани. Но, Вујо знае да мотивира и да инспирираа дури и кога не му се сите играчи на број. И да потенцира дека повредите ги смениле плановите, но не и целите  на Словенија на ова ЕП во Хрватска. Предноста на Вујо е во мотивацијата на играчите што секогаш била негов голем адут, потоа поголемото селекторско искуство во однос на Раул кој во оваа улога е дебитант на ова ЕП. А, делумно и тоа што Вујо во „Арена“ е како дома.

По вчерашниот дуел Хрватска-Србија во Сплит, ова ќе биде втор балкански дуел на ЕП кој предизвикува исто така голем интерес, не само поради резултатската важност на бодовите за втор круг туку и поради бројните навивачи на трибините во загрепска „Арена“, и на „црвено-жолтата“ и на „зелената“страна.

Последната победа на Македонија против Словенија беше во 2012 година во Белград, во мечот за 5.место на ЕП во Србија (28-27), а на последната пресметка лани во Мец, во групната фаза од СП во Франција, Словенците славеа со 29-22.

Се вчитува...