Раул го сака Мораеш во ПСЖ, Вардар не го дава

Раул Гонзалес е максимално фокусиран на работата во Вардар и предизвиците што го очекуваат со македонската репрезентација, но во меѓувреме неговите следни газди, челниците на ПСЖ, го планираат тимот за следната натпреварувачка сезона. Како што јавува францускиот весник „Л’Екип“, Раул Гонзалес во својата листа на желби има вклучено и еден ракометар на Вардар, но изненадувачки тоа не е некоја од „ѕвездите“ на „црвено-црните“, туку Бразилецот Рожерио Мораеш.

Според пишувањето на влијателниот француски медиум, Гонзалес има високо мислење за овој ракометар, кого го доведе од редовите на Кил иако Бразилецот беше далеку од место во првиот тим. Сега Раул би сакал да го доведе Мораеш и во Париз, но според „Л’Екип“ Вардар не сака да загуби уште еден пивот откако Марсениќ веќе потпиша договор со Фуксе Берлин. Бразилскиот интернационалец има договор со „црвено-црните“ до 2019 година, па не се исклучува можноста за негов трансфер доколку ПСЖ понуди извесна сума за отштета.

Во ситуација кога има дрим-тим на располагање, Гонзалес сака да ја засили пивотменската позиција, а порај Мораеш во фокусот на неговото внимание е Данецот Хенрик Тофт Хансен. Овој ракометар има договор со Фленсбург до крајот на сезонава, а како што јавува весникот „Л’Екип“, шансите за негова преселба во Париз се огромни. Хансен покрај офанзивните, поседува и исклучителни дефанзивни квалитети, нешто што според Раул му недостига на овој тим на ПСЖ.

Токму затоа, шпанскиот стратег би сакал во својот нов клуб да го доведе и сонародникот Виран Морос, за кого се најавува дека наредното лето ќе си замине од Барселона. Слично како Хансен, и договорот на Виран Морос истекува во јуни 2018 година, па тој е достапен без никаква отштета. Нема сомнеж дека со Виран Морос и Хансен, но и со генијалноста на Гонзалес, ПСЖ би создал тим без ниту една слаба точка, подготвен за доминација на европската ракометна сцена.

Се вчитува...