Раул Гонзалес: Ако сакаме во Келн, треба да одиграме и во Фленсбург

Ракометарите на Вардар утре заминуваат за Германија каде в сабота го играат првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Фленсбург. За „црвено-црните“ ова е четврто четвртфинале во ЛШ во серија, втора четвртфинална пресметка со Фленсбург и нов обид конечно да се оствари долгогодишната цел – пласман на Ф4 турнирот во Келн.

Во редовите на македонскиот шампион свесни се за тежината на задачата, но, и за предизвикот што стои пред нив во овие два натпревари против германскиот претствник, овој во сабота на гости и реваншот на 27 април во Скопје. Во принцип, реваншот на домашен терен е олеснителна околност за секоја екипа, но тренерот на Вардар, Раул Гонзалес предупреди дека за пласман во завршницата на ЛШ, ќе мора поголем дел од работата да завршат уште на првиот меч во Фленсбург, а реваншот да биде само потврда на успехот.

„Ако сакаме да игра на Фајналфор во Лигата на шампионите, не треба да чекаме да победиме овде во Скопје. Работата треба да ја завршиме уште на првиот натпревар во Фленсбург. Работиме цела недела максимално, не очекува тежок дуел и свесни сме за тоа. Фленсбург е силен противник, играат добро во нападот и во одбраната. Но, ние сакаме да играме на Фајналфор во ЛШ и знаеме дека треба да ја искористиме секоја шанса, да одиграме добар натпревар таму. Имаме добар тим, играме добро сезонава, треба и во Фленсбург да одиграме како што одигравме во финалето на СЕХА. За да успееме во ова четвртфинале, треба да го одиграме најдобриот натпревар сезонава“ – истакнува тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Спортскиот директор во клубот, Едуард Кокшаров, потенцираше дека Вардар со прикажаните игри сезонава заслужи да стигне до билет за Ф4 во Келн.
„Фленсбург има добра екипа и се бори за првото место во Бундес-лигата, пред нас се два тешки натпревари. Нема да ни биде лесно, но ако погледнеме што е направено годинава и до оваа година, ние заслужуваме да го постигнеме тој резултат , да ја оствариме целта и да играме на Ф4.. Уште откако го добивме Фленсбург сите ни велат дека нема да ни биде лесно. Германија домаќин на Ф4, Фленсбург е германска екипа“ – истакна Кокшаров.

Во пресрет на првиот меч од четвртфиналето со Фленсбург, единствен проблем за Раул Гонзалес во составот на „црвено-црните“ е состојбата на Игор Карачиќ. Хрватскиот бек поради болест деновиве не тренирал и неизвесно е дали и колку ќе може да игра на првиот меч од четвртфиналето во ЛШ.

Се вчитува...