Раул Гонзалес: Целта е да ја однесам Македонија на Олимпијада

Новиот селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија, Раул Гонзалес, во интервју за шпанските медиуми откри дека основна цел во неговиот тригодишен селекторски договор со РФМ, со важност до септември 2020 година, е пласман на ОИ во Токио. Шпанскиот стратег кој од 2014 година го предводи Вардар, истакнува дека понудата во исто време да биде и селектор на Македонија, за него е нов предизвик во тренерската кариера.

На македонската клупа Гонзалес го замени Лино Червар и истакнува дека за него тоа не претставува никаков притисок.

„ Воопшто нема никаков притисок. Тоа е гордост затоа што мојата работа е наградена. Потпишав договор до 2020 година со цел да ја однесам Македонија по прв пат во историјата на Олимписки игри, во Токио 2020. Во Македонија ракометот се доживува на посебен начин и морав да ја искористам оваа можност. Тоа за мене е ново искуство и мислам дека сум подготвен да одговорам на предизвикот“ – вели 46-годишниот шпански тренер.

Како играч, Раул Гонзалес со репрезентацијата на Шпанија има бронзен медал од ОИ во Атланта во 1996 година. Поради повреда на коленото,  играчката кариера ја заврши релативно рано на 27-годишна возраст, а потоа и се посвети на тренерската работа. Тој му беше помошник на Талант Душебаев во Сиудад Реал и потоа во Атлетико Мадрид. Во 2014 година по препорака на Душебаев, дојде во Вардар и тоа беше негово прво искуство како прв тренер на екипата во која изминативе три три години работи заедно со Давид Дејвис.

Со македонскиот шампион сесонава по четврти пат по ред ќе настапи во четвртфиналето од Лигата на шампионите и ќе се бори за историски прв пласман на Ф4 во Келн. Речиси во исто време, Гонзалес ќе ја предвои и македонската репрезентација во последните четири натпревари од квалификациите за пласман на ЕП 2018 во Хрватска.

„Да се биде тренер значи да се откажеш од одмор, но јас сум уште млад и мислам дека имам капацитет да одговорам успешно и на двете цели. Се надевам дека се ќе оди добро“ – оптимист е Раул Гонзалес.

rul intervju

Се вчитува...