Раул: Најважно е добро да тренираме, за натпреварите да ни бидат рутина

Селекторот Раул Гонзалес денеска ја одржа првата прозивка во националниот тим за оваа ЕХФ седмица. Тој одлучи во следниот период нашите репрезентативци да не играат контролни натпревари, за да има повеќе време за тренинзи, за Шпанецот да може да ги пренесе своите идеи врз репрезентативците, нешто што не беше случај при кратките собири пред квалификациите за ЕП што Гонзалес ги заврши успешно.

„Не сакав да има натпревари бидејќи сакам да се подготвам најдобро што можам за претстојното Европско првенство. Немаме многу време заедно до ЕП во Хрватска и мојот став е дека доколку сакаме да се подготвиме како што треба ќе мораме да тренираме што повеќе заедно, како екипа. За мене поважно е да тренираме, бидејќи мојот став е дека треба напорно да се тренира. За натпреварите потоа треба само да си фокусиран и да го покажеш она што си го тренирал, ако добро тренирате тогаш натпреварите ќе бидат рутина“ – дециден е Гонзалес.

Македонија играше одлично по доаѓањето на Шпанецот на местото на Лино Червар, но Раул е убеден дека со вистинска подготовка нашата национална селекција може да игра уште подобар ракомет.

На претходните средби дојдовме до добри резултати, но мислам дека не бевме доволно добро подготвени што е нормално бидејќи фокусот беше да се победи на тие клучни средби. Затоа сега го правиме ова, го користиме времето од оваа ЕХФ седмица, верувам дека таа ќе биде добредојдена за ракометарите, за кога ќе дојдат натпреварите на сите да им е многу јасно како функционира одбраната“ – вели македонскиот селектор.

Како што е веќе познато, во националниот тим по кратка пауза се враќа и Немања Прибак. Гонзалес има мака со повредите на дел од играчите како Ацо Јоноски, на чие место е повикан Горан Крстевски од Работник. Кире Лазаров пристигна во Скопје и по лекарските прегледи ќе се утврди дали ќе може да тренира со остатокот од репрезентацијата. Филип Талески има ситна повреда, но ќе тренира од денеска.

Се вчитува...