Раул против двајца екс-селектори на Македонија

Екс-Ју група со двајца свои екс-селектори доби репрезентацијата на Македонија на ждрепката во Загреб со која беа одредени групите за Европското првенство што ќе се одржи од 12 до 28 јаунари во Хрватска.

Македонската репрезентација „се падна“ во групата Ц во Загреб, заедно со репрезентацијата на Словенија предводена од Веселин Вујовиќ, со Црна Гора на чија клупа е Драган Ѓукиќ и со актуелниот европски шампион, репрезентацијата на Германија со новиот селектор Кристијан Прокоп кој во оваа група е единствен што не бил на македонската клупа.

Раул Гонзалес ќе има уште една тешка задача против незгодни противници кои добро се познаваат меѓу себе со Македонија да избори едно од првите три места во групата кои носат пласман во следната рунда и по по можност да пренесе што повеќе бодови во втората фаза.

Македонија во првиот натпревар, на 13 јануари, отвора против добро познатиот противник, репрезентацијата на Словенија со Вујовиќ кој како поранешен тренер на Вардар и селектор на сите македонски селекции (2007), добро ги познава македонските играчи и ужива посебна почит кај македонската публика. Против Словенија со Вујо на клупата игравме и во јануари годинава на СП во Франција и загубивме со 22-29, но во малку подруг состав и со Лино Червар на селекторската клупа.

Македонија добро ја познава и селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ, кој исто така беше тренер во Вардар и селектор на македонската репрезентација (2003/2004). Со репрезентацијата на Црна Гора во која лидерската улога ја има бекот на Вардар, Вуко Борозан, ќе играме во вториот натпревар на ЕП, на 15 јануари.

Во последниот натпревар од групната фаза на 17 јануари ќе играме против актуелниуот европски шампион, Германија.

На ЕП во Хрватска имаме и трет екс-селектор на Македонија, претходниот на Раул Гонзалес, Лино Червар, кој сега ја предводи селекцијата на домаќинот Хрватска. Со третиот екс-селектор, Раул може да ги вкрсти копјата евентуално во завршната фаза на ЕП бидејќи Хрватска е во групата А и со домаќините се избегнуваме и во првата и во втората фаза на ЕП.

Се вчитува...